• понеделник, 23 декември 2024

Штипскиот Универзитет организираше „Форум за младинско учество во образованието“

Штипскиот Универзитет организираше „Форум за младинско учество во образованието“

Штип, 24 февруари 2023 (МИА) - Форум за младинско учество во образованието организираше Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски истакна дека активноста е во насока на подобра соработка меѓу сите чинители на општеството, а со цел насочување на средношколците во пронаоѓањето на нивниот кариерен пат.

-Ова е прв иновативен чекор со кој Универзитетот пробува да изгради подобра подобра или целосна соработка со средношколските центри и со младите воопшто, пред сѐ како ние можеме да ги ставиме на располагање сите ресурси, вели Мираковски.

На настанот присуствуваа и претставници од Стопанската комора, од каде велат дека акцентот треба да се стави на соработка меѓу образовниот и бизнис секторот, од која може да произлезе квалитетен кадар. Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стопанска комора вели ваквите форуми треба да продолжат и со другите универзитети.

- Затоа што на тој начин ќе овозможат  младите навистина да се посветат на својата кариера, но може да се посветат и да бидат употребени како квалификуван и стручен кадар не само во реалниот сектор, туку и во јавниот, само доколку реализираат квалитетна практична обука во компаниите, односно во реална работна средина, вели Јаневска.

 Во насока на подобрување на состојбите влог даваат и од Локалната самоуправа и средните училишта. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека продукцијата на квалитетни студенти ќе бидат двигатели на развојот на градот, а директорките на средни училишта ја поздравуваат ваквата можност.

-Навистина ми е драго што соработката со Универзитетот „Гоце Делчев“, којашто досега ја имавме се продлабочува, се интензивира, се подобрува комуникацијата. Во насока на ова е и денешниот Форум којшто го организира Универзитетот за сите средни училишта, рече Јорданов.

 Можностите од ваквата соработка  ги препознаа и студентите, кои посочија на активностите кои досега ги реализирале, а за кои простор има и во понатамошното студирање. вдј/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан