• петок, 15 ноември 2024

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ одбележува 16 годишен јубилеј

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ одбележува 16 годишен јубилеј

Штип, 27 март 2023 (МИА) - Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип денеска одбележа 16 години од своето постоење. Пофалници и ваучери од 10.000 денари беа доделени на најдобрите дипломирани студенти во изминатава година. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски истакна дека ова е  мотивација за студентите, а доделувањето  беше дел од Свечената академија по повод патрониот празник на Универзитетот, која се одржа во Мултимедијалниот центар на Економскиот факултет. Памела Реџеповска дипломирана студентка – инженер по компјутерски науки вели за наградените студенти ова значи дополнителна мотивација уште понапорно да учат и работат.

-Сметам дека наградите се одличен пристап за славење на напорниот труд и работа за време на академските студии на студентите. И самото најмало признание може да биде огромна мотивација за студентот, а исто така и да ги поттикне останатите студенти да работат уште понапорно, вели Реџеповска.

Освен за најдобрите студенти, беа доделени благодарници и за 15 институции, повеќето болници, и едно физичко лице, со кои Универзитетот има соработка и придонеле за неговиот развој. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, посочи дека развојот на Универзитетот е видлив, а и покрај тоа што се движат солидно на ранг-листите, ќе продолжат со инвестиции, пред сè во нови лабораториски ресурси.

-Универзитетот иако најмлад, уште од самите почетоци започна една динамична развојна политика како резултат на што и релативно брзо се етаблираше меѓу универзитетите. Тоа е благодарение на сите наши претходни ректори, проректори, декани, професори, коишто се вградија во реализацијата на оваа идеја и успеаја да го остварат сонот на основачите на Универзитетот со кој во овој Источен Регион се даде некоја нова вредност на високото образование, рече Мираковски.

Претседателката на Универзитетското студентско собрание, Сара Денкова, вели дека студентите се вклучени во голем број настани и организации, а не е исклучена можноста да бидат дел и од Наставно-научен совет, каде со професорите се активно вклучени во одлучувањето.

-Еве, како што и самите може да видиме, развојот оди во најдобар правец, во најдобро светло. Студентите се тие коишто се двигатели на целиот тој процес да се одвива како што треба и сето тоа може да го забележиме како резултат на сите организации, благодарение и на професорите, тие се, секако, ментори и двигатели на нас студентите. Сметам дека одбележувањето на 17 години постоење ќе биде во уште подобро светло, заедно сите сплотени да може да ги спроведеме тие активности, вели  Денкова.

Универзитетот „Гоце Делчев“  годишнина од своето постоење слави на 27 март,  во текот на сите денови од тековната седмица се организирани низа настани, за одбележување на 16 години од постоењето. вдј/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан