• петок, 22 ноември 2024

Штипскиот градоначалник реагира за неасфалтирање на улици во Автокоманда, од Министерството за транспорт и врски со одговор дека вината е токму во општината

Штипскиот градоначалник реагира за неасфалтирање на улици во Автокоманда, од Министерството за транспорт и врски со одговор дека вината е токму во општината

Штип, 2 февруари 2023 (МИА) - Ако Министерството за транспорт и врски не ги асфалтира улиците „Браќа Даневи“, „Петти конгрес“ и „Солидарност“ во населбата Автокоманда, Општина Штип ќе распише нов тендер и сама ќе ги асфалтира, порача на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.  

-Дефинитивно, граѓаните на Општина Штип немаат привилегија, затоа што имаат министер за транспорт и врски, туку се оштетени. Се закочени сите проекти коишто се поврзани со централната власт само затоа што граѓаните на Општина Штип имаат градоначалник којшто не е од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, вели Јорданов.

Тој апелира до Министерството за транспорт и врски градежната фирма која го има добиено тендерот да почне со асфалтирање на улиците. Јорданов на прес-конференцијата  рече дека неколкупати комуницирале со Министерството за транспорт и врски, со претставници од Светска банка и со фирмата-изведувач која добила на тендерот распишан од страна на Министерството. Одговорот секогаш бил дека асфалтирањето ќе се реализира во наредните неколку дена, но од тоа нема ништо, вели Јорданов.

Од Министерството за транспорт и врски пристигна одговор во кој го повикуваат градоначалникот на Општина Штип, Јорданов  да престане да ја меша политиката во инженерската струка.

-Да појасниме, Надзорниот орган на градилиштето кој е овластен да даде налог за работа на секоја следна фаза во работата, во вакви временски услови со ниски температури и влажност и мрзнење на коловозната конструкција не дозволува поставување на асфалт, бидејќи во такви околности улицата ќе биде неквалитетна и брзо ќе настант деформации и оштетувања. Градоначалникот да им се извини на штипјани и да ја информира јавноста дека овој проект ќе беше завршен пред почетокот на зимските месеци доколку општината си ги завршеше навреме обврските со подземната инсталација, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

Од  Министерството за транспорт и врски наведуваат дека биле подготвени да ја започнат реконструкцијата на улиците уште во месец јуни, но поради доцнењето на Општината со подземната иснталација, реконструкцијата започнала дури четири месеци подоцна. И за тоа, какошто велат, вината ја има градоначалникот и Општина Штип.  вдј/вг/

Остани поврзан