Штипската населба Сењак добива нови паркинг места
- Се асфалтираат повеќе паркинг места во населбата Сењак во Штип. Станува збор за локации кои претходно биле напуштени, израснати со грмушки и неискористени.
Штип, 20 ноември 2024 (МИА) - Се асфалтираат повеќе паркинг места во населбата Сењак во Штип. Станува збор за локации кои претходно биле напуштени, израснати со грмушки и неискористени.
Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека овие локации ќе бидат паркинзи, кои ќе можат да се користат од страна на граѓаните, кои живеат во станбените згради и во овој дел од градот. Дополнително во втората фаза ќе се пристапи кон поставување на урбана опрема, осветлување и целосно уредување на просторот.
-Овде се започнати активности за асфалтирање на паркинг површини околу станбените згради. Ова е само една од локациите, кои ќе се асфалтираат, а овие површини во минатото биле неискористени, запоставени, ураснати со грмушки, со времени објекти, кои беа времено дислоцирани. Освен на оваа локација во населбата Сењак ќе се продолжи во текот на денот и во наредните денови со уредување и на други површини околу станбени згради, а во втора фаза ќе се пристапи и кон поставување урбана опрема, изјави Јорданов.
Во меѓувреме се разговара и со економските оператори и се прават напори, активностите за асфалтирање да продолжат и на минусни температури. По најавите на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски дека ќе се работи ноќе и во зимски услови, Јорданов посочи дека се прават напори тоа да се применува и во Штип.
-Ние имавме можност подетално да разговараме. Разговаравме и со економските оператори и ќе зависи од нив оваа можност. Доколку набават доволна количина на адитиви верувам дека и во Општина Штип ќе има можност за асфалтирање на минусни температури, додава Јорданов.
Тој посочи дека асфалтирањето и уредувањето во градот ќе продожи и наредната година со цел Штип да добие модерен и урбан лик. вдј/мд/
Фото: МИА