• четврток, 26 март 2026

Штипската изборна комисија прими дел од недоверливиот избирачки материјал

Штипската изборна комисија прими дел од недоверливиот избирачки материјал

Штип, 9 октомври 2025 (МИА) – Во Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип пристигна дел од недоверливиот материјал за Локалните избори, вклучувајќи ги параваните за избирачките места и другите технички делови потребни за уредување на гласачките простории.

Претседателот на Општинската изборна комисија, Виктор Вацев, денеска изјави дека доверливиот материјал, како гласачки ливчиња и избирачки списоци, ќе пристигне согласно законските рокови, најдоцна 72 часа пред денот на гласањето.

-Во моментот од недоверлив материјал Општинската изборна комисија има примено само паравани за избирачките места, коишто се до сега пристигнати, а доверливиот материјал согласно роковите, пристигнуваат најдоцна 72 часа пред одржувањето на изборите. Во текот на наредната недела ќе пристигне и доверливиот материјал. Од недоверлив материјал треба да пристигнат уште кутиите за гласање, како и останатите елементи што се за уредување на избирачкото место, а тоа се кандидатски листи, пенкала, линеари, рече Вацев.

Тој додаде дека во тек е и пријавувањето за гласање на болни и изнемоштени лица. До денеска имаат пријавено 78 лица, а бројот се очекува да биде поголем во текот на утрешниот ден, за што ОИК-Штип ќе има и дежурство до 24 часот на полноќ, а денеска имаат дежурство до 21 часот. вдј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан