• понеделник, 23 декември 2024

Шпанскиот крал ги почна консултациите со партиските лидери за именување мандатар

Шпанскиот крал ги почна консултациите со партиските лидери за именување мандатар

Мадрид, 21 август 2023 (МИА) - Шпанскиот крал Фелипе Шести денеска ги почна консултациите со лидерите на политичките партии за да види кој има најголеми шанси да формира влада, откако парламентарните избори во јули не успеаја да дадат јасен победник.

Кралот ги почнал разговорите со претставници на неколку помали партии. Консултациите се очекува да завршат веќе утре кога тој планира да ги прими вршителот на должноста премиер Педро Санчез, чија Социјалистичка работничка партија заврши на второто место на изборите, и Алберто Нуњез Фејо, чија централнодесничарска Народна партија освои најмногу гласови.

И Фејо и Санчез се надеваат дека ќе добијат мандат за формирање влада, но останува да се види кој од нив може да го обезбеди потребното мнозинство во парламентот.

Мнозинството пратеници во новото свикување во четвртокот гласаа за избор на социјалистичкиот кандидат за претседател на Конгресот.

Меѓутоа, социјалистите мораа да се потпрат на 14 гласа од двете каталонски сепаратистички партии, вклучително и седум од партијата предводена од пребегнатиот каталонски политичар Карлос Пуџдемонт, кој побегна од Шпанија откако организираше забранет, но неуспешен референдум за отцепување во 2017 година.

Неговата партија соопшти дека гласањето во четвртокот било само за претседател на парламентот и не значи дека ќе го поддржи Санчез за уште еден мандат како премиер.

Откако кралот ќе избере мандатар, претседателот на Собранието одредува датум за гласање на владата. Доколку кандидатот не ја добие поддршката од пратениците, почнува двомесечно одбројување до нови избори. За тоа време, лидерот на некоја друга партија може да се обиде да собере гласови за формирање влада. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан