• недела, 22 декември 2024

Шпанија по продолженија ја совлада Хрватска за четвртфинале на ЕУРО2020

Шпанија по продолженија ја совлада Хрватска за четвртфинале на ЕУРО2020
  Копенхаген, 28 јуни 2021 (МИА) – Во највозбудливиот натпревар од почетокот на ЕУРО2020, Шпанија вечерва ја совлада Хрватска по продолженија со 5:3 (3:3, 1:1) и обезбеди пласман меѓу осумте најдобри репрезентации на Европското првенство. Во дуел со резултатски пресврти, Шпанија на стадионот „Паркен“ во Копенхаген влезе со предност од 3:1 во завршните минути од регуларниот дел, откако најпрво Пабло Сарабиа во првото полувреме ја анулираше предноста на Хрватска по автоголот од 30-ина метри на Педри, а Цезар Азпиликуета (57 минута) и Феран Торес (77) и донесоа висока предност на Црвената фурија. Бодрени од над 5.000 свои навивачи на стадионот во Копенхаген, репрезентацијата на Хрватска тргна во целосна офанзива и во 85 минута го намали водството на Шпанија преку „резервистот“ Мислав Оршиќ, а истиот фудбалер му асистираше на Марио Пашалиќ во 92 минута. Хрватска преку Оршиќ на стартот на првото од двете продолжение од по 15 минути пропушти идеална шанса за целосен резултатски пресврт, а казната стигна на спротивната страна преку Хуан Мората во 100. минута и Микел Ојарзабал во 103 минута. Шпанија за противник во четвртфиналето ќе го има победникот од вечерашниот дуел во Букурешт меѓу Франција и Швајцарија. ег/

Остани поврзан