• понеделник, 23 декември 2024

Шмит најави дека повторно ќе интервенира доколку во БиХ дојде до блокади на институциите

Шмит најави дека повторно ќе интервенира доколку во БиХ дојде до блокади на институциите

Сараево, 16 мај 2023 (МИА) - Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, најави дека повторно ќе интервенира во законодавството во БиХ, доколку повторно се блокираат институциите во земјата, сметајќи дека претходните интервенции во Изборниот законик и Уставот на Федерацијата БиХ доведоа до деблокирањето и помогна во напредокот на земјата кон ЕУ .

-Морате да разберете дека ќе има одговор на секоја блокада, бидејќи има обврска, рече Шмит во интервју за Гласот на Америка на прашањето дали ќе продолжи да интервенира во законите и другите прописи во Босна и Херцеговина.

Германскиот политичар на чело на меѓународната администрација во БиХ има широки овластувања за одлучување. Ги искористи на денот на општите избори во октомври минатата година и на крајот на април кога го овозможи изборот на новата влада во Федерацијата Босна и Херцеговина, на што остро се спротивстави најголемата бошњачка Партија за демократска акција. (СДА), откако беше исфрлена од владејачката коалиција, која сега ја сочибуваат партиите од пробошњачката „тројка“ собрани околу СДП на Босна и Херцеговина и групацијата на Хрватскиот народен Собор во Босна и Херцеговина.

Шмит смета дека неговата интервенција имала ефект, како резултат на што било избрано раководството на Федерацијата Босна и Херцеговина, пополнет Уставниот суд и назначена е новата влада на Федерацијата, која се чекала со години, а со тоа е одблокирана и европската патека на земјата.

Тој како неосновани ги отфрли жалбите на СДА за пристрасност во одлучувањето.

-СДА ги загуби претседателските избори на 2 октомври, инаку, без никаков придонес од моја страна. Тие се одговорни за својот пораз, додаде Шмит.

Високиот претставник, исто така, смета дека неговите интервенции во Изборниот закон ќе го фаворизираат политичкиот плурализам, отфрлајќи ги приговорите дека ја фаворизирал водечката хрватска партија, ХДЗ БиХ, со измена на изборниот закон и Уставот.

-Мојата одлука ќе придонесе за пошарен спектар на различни партии, не само кога станува збор за националните групи, туку и за граѓаните. Затоа, убеден сум дека сме на вистинскиот пат, додаде Шмит.

Остани поврзан