• недела, 22 декември 2024

Шмит: Враќањето на довербата на јавноста во изборниот систем е итен приоритет

Шмит: Враќањето на довербата на јавноста во изборниот систем е итен приоритет

Рим, 6 февруари 2024 (МИА) - Високиот претставник Кристијан Шмит денеска изјави дека враќањето на довербата на јавноста во изборниот систем е итен приоритет за властите во БиХ. 

Шмит учествуваше на состанокот на Групата на пријатели на Западен Балкан во Рим, а теми на средбата, на која присуствуваа и министрите за надворешни работи на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, беа економските перспективи и европската интеграција на регионот.

Шмит изјави дека отворањето на пристапните преговори ќе биде единствена можност за Босна и Херцеговина.

-Враќањето на довербата на јавноста во изборниот систем е итен приоритет за властите во БиХ. Оттука, неопходно е да се спроведат реформи на краток рок со цел да се подобри интегритетот на изборите, за да се обезбеди успешно организирање на локалните избори закажани за октомври годинава, нагласи Шмит.

Понатаму, тој додаде дека институциите на БиХ мора да дејствуваат ефикасно и со полн капацитет, со цел да се решат другите приоритети, за БиХ и официјално да ги започне преговорите за членство во ЕУ на пролет.

Иницијативата „Пријатели на Западен Балкан“ беше покрената во 2023 година од Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија, со цел да се забрза пристапот кон ЕУ и интеграцијата на регионот. 

Високиот претставник се сретна и со Александар Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија, Елмедин Конаковиќ, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Јан Маријан, заменик министер за надворешни работи на Чешката Република и разговараше со нив за политичката ситуација во БиХ и регионот на Западен Балкан. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан