• петок, 20 декември 2024

Шкупи и Левски ги очекуваат казни од УЕФА

Шкупи и Левски ги очекуваат казни од УЕФА

Скопје, 28 јули 2023 (МИА) – Европската фудбалска федерација (УЕФА) се очекува да поведе дисциплинска постапка против Шкупи и Левски за инцидентите поврзани со синоќешниот дуел во Скопје меѓу македонскиот и бугарскиот тим во рамки на првиот натпревар од второто коло во Конференциската лига.

Натпреварот официјално го следеа 6.000 гледачи од трибините на Националната арена „Тодор Проески“, меѓу кои околу 900 дојдоа организирано од Софија да го бодат бугарскиот тим.

Дисциплинското тело на УЕФА се очекува да отвори истрага поради дискриминаторско скандирање кое можеше да се слушне од навивачките групи на двете страни за време на натпреварот, поради што на средина од второто полувреме беше издадено официјално предупредување на Арената во Скопје дека дуелот може да биде прекинат доколку навивачите продолжат со таквото однесување.

Дополнително за време на натпреварот беа користени факели и други недозволени пиротехнички средства од двете навивачки страни, што, исто така, подлежи на санкции од УЕФА.

Натпреварот кој заврши со победа на Левски од 2-0 го одбележаа инциденти и надвор од теренот.

Македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) соопшти дека за поврзаност со инциденти се приведени вкупно 21 лице.

Како што соопшти МВР, 19 приведени биле навивачи од Република Бугарија. Од нив, осум лица се приведени за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Околу полноќ полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода и двајца навивачи на навивачката група на ФК „Шкупи“, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка. И овие лица се приведени и ќе се соочат со законски предвидените поднесоци.

Од МВР информираа и за физичкиот напад врз четворица бугарски државјани. Според пријавата, настанот се случил вчера во 18.38 часот на улица „Цветан Димов“, при што бил употребен и остар предмет, а бугарскиот државјанин Д.А. се здобил со тешки телесни повреди.

Дел од бугарските медиуми повикувајќи се на извештаите на своите специјални дописници, како и изјави на приврзаници на Левски, јавија дека на инцидентот во скопски Чаир претходел „пропуст во организираното спроведување на навивачкиот конвој“ со приврзаници на Левски.

Реванш натпреварот е на програмата на 3 август на стадионот „Георги Аспарухов“ во Софија со почеток во 19 часот. ег/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан