• сабота, 14 декември 2024

Шилегов: Со „Брз автобуски транспорт“ до почиста средина и поквалитетен живот во Скопје

Шилегов: Со „Брз автобуски транспорт“ до почиста средина и поквалитетен живот во Скопје
Скопје, 20 март 2021 (МИА) - Град Скопје планира да се придружи на друштвото од успешни градови со БРТ коридори, со имплементација на две линии за брз автобуски транспорт - Линија 1 (исток – запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче) од 12.81 km и 21 автобуска станица, а планирана е и Линија 2 (север – југ од железничката станица на бул. БИХ до бул. Борис Трајковски) во должина од 10.4 km со 20 автобуски станици. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во колумната „Зошто на Скопје како метропола му треба брз автобуски транспорт?“ ги образложува придобивките од проектот за брз автобуски транспорт (Bus Rapid Transport - БРТ) во Скопје или популарно нареченото „автобуско метро“ или „трамвај на тркала“: - Брзиот автобуски транспорт двојно го намалува времето на патување, а фреквентноста на автобусите од 3-4 минути за време на шпицот оневозможува градски гужви. Станиците на исто ниво со автобусите со рамен под овозможуваат брзо и лесно качување и слегување и целосна пристапност за патници со колички и со попреченост. Сообраќајната предност на автобусите им овозможува лесно и брзо движење низ градските сообраќајници и крстосници. Честотата, пристапноста, безбедноста, удобноста и брзината се показатели за квалитетни транспортни услуги кои ги охрабруваат граѓаните да го користат системот за јавен превоз наместо приватните возила, пишува Шилегов во колумната објавена во денешен „Слободен печат“. Шилегов укажува дека зголемениот број луѓе кои користат јавен превоз значи намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните зашто брзиот автобуски превоз со ефикасни горива доведува до намалување на емисиите на стакленички гасови, емисиите на честички и нивото на бучава. Тој посочува дека БРТ овозможува посебна траса за брзи автобуси која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај и е воведен во стотици градови ширум светот. Според Шилегов, „БРТ значи ем побрз, поефикасен и побезбеден автобуски превоз, ем почиста средина и поквалитетен живот во Скопје“. - Финансирањето на градежни работи, стоки и проектантски услуги за реконструкција на булеварите во градот, автобуските постојки и две депоа и административна зграда за Линија 1 ќе чинат 31.2 милиони евра. Или, споредено со т.н. проект „Скопје 2014“, 5-6 милиони евра помалку од партискиот музеј со восочни фигури (околу 17 милиони евра) и „Панорамското тркало“ (19.75 милиони евра). Набавката на нови нископодни автобуси за Линија 1 кои работат на компримиран природен гас (“CNG”) / хибрид CNG, ќе чини 9.8 милиони евра, еден милион помалку од двете фонтани на плоштад Македонија и „Воинот на коњ“ кои заедно чинат над 10.8 милиони евра. Набавката на системски компоненти во возилата и автобуските постојки и интегрирање на крстосниците во Центарот за управување со сообраќај за Линија 1 ќе чини околу 6.1 милиони евра, или помалку од „Порта Македонија“ која чини над 6.3 милиони евра, посочува тој. Според Шилегов, за Линијата 2 од БРТ, финансирањето на градежни работи, стоки и проектантски услуги ќе чини 11.1 милиони евра, или 6.5 милиони евра помалку од фасадата на Владата за која Груевски потроши околу 17.7 милиони евра. Шилегов укажува и дека набавката на нови нископодни автобуси за линија 2 и набавката на системски компоненти во возилата и автобуските постојки ќе чинат околу 11 милиони евра или околу 3 милиони евра помалку од парите што ги потроши град Скопје за пре-фасадирање на предниот дел од постојните згради во центарот на градот, во рамките на проектот „Скопје 2014“. - Севкупно, проектот за воведување на брз, ефикасен, економичен и еколошки транспорт во Скопје ќе чини околу 70 милиони евра за двете линии или речиси 10 пати помалку од т.н. проект „Скопје 2014“, пишува Шилегов во колумната „Зошто на Скопје како метропола му треба брз автобуски транспорт?“.фф/вг/

Остани поврзан