• сабота, 23 ноември 2024

Шилегов: Набавивме противпожарна скала што ќе ја гарантира безбедноста на скопјани, но и на пожарникарите

Шилегов: Набавивме противпожарна скала што ќе ја гарантира безбедноста на скопјани, но и на пожарникарите
Скопје, 4 мај 2021 (МИА) - Ова е прва противпожарна скала која се купува во државата. Јас не сум стручен, ниту имам претензија да бидам стручен на таа тема, затоа техничката спецификација и потребата која ќе ја гарантира безбедноста на скопјани од една страна, но и безбедноста на пожарникарите од друга страна, е работа која ја направија од Противпожарната бригада, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Скопскиот градоначалник денеска на прес-конференција во одговор на прашање за обвинувањата од ВМР0-ДПМНЕ околу наводната „спорна“ набавката на противпожарната скала, посочи дека опозицијата шири лажни вести и оти е најважно тоа што „првпат во историјата, од 45-та година навака“, е набавена ваква специфична и софистицирана опрема. Тој појасни дека од Противпожарната бригада рекле каков тип на скала е потребна и со каква дополнителна опрема и таа била предмет на јавна набавка спроведена од страна на Градот. Шилегов додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ шират лажни вести, правејќи споредба со скалата на градот Загреб. - Членовите на Комисијата се од Противпожарната бригада, не е градоначалникот, тие ја водеа постапката. На тој меѓународен тендер добила фирма која добила, опремата која ја имаме набавено е сериозно различна, и јас вчера соопштив само дел од тоа по што ние се разликуваме од градот Загреб, рече Шилегов Тој нагласи дека скалата ќе биде во функција за граѓаните на Скопје некаде на крајот на овој месец. - Да дојдете на моја позиција и да сте градоначалник на Скопје, седнувате и ги гледате аномалиите на Градот, и констатирате дека стручните служби на Градот и Противпожарната бригада од вашите претходници барале набавка на скала, затоа што во моментов ние немаме техничка можност како Противпожарна бригада и како Град да помогнеме на кој било граѓанин на Скопје кој живее над петтиот спрат, потенцира Шилегов. Тој посочи оти во споредба со скалата набавена во градот Загреб, нашата е далеку поквалитетна во смисла на дополнителната опрема и дополнителната безбедност. - Градот Загреб купил 42-метарска скала, без дополнителна опрема. Таа е шеста во Загреб во изминативе 30 години. Пред моето доаѓање, овој град 27 години го водеше ВМРО-ДПМНЕ. Ова е прва ваква скала која се купува во Македонија. Јас не сум стручен, ниту имам претензија да бидам стручен на таа тема, затоа техничката спецификација и потребата која ќе ја гарантира безбедноста на скопјани од една страна, меѓутоа и безбедноста на пожарникарите од друга страна, е работа која ја направија Противпожарната бригада, додаде градоначалникот. Шилегов потсети дека е транспарентен и оти на своја иницијатива го однел предметот во Антикорупциската комисија, бидејќи како што рече, во набавката нема ништо спорно, ниту сомнително. Тој побара од Антикорупциска да го отвори предметот, а целата документација може да биде достапна и до медиумите. - Идејата да се прикрие сопствената непсособност, да се определуваат приоритетите при трошење на јавни пари и да потрошите 2 милиони евра на железна ограда, а да спиете со товар дека над петти кат немате безбеден граѓанин во градот Скопје затоа што не сте набавиле противпожарна скала, за мене е неприфатливо. Јас сум толку транспарентен што велам, јас го поднесов предметот, јавно ја повикувам со Мицкоски целата советничка група, ќе ви ја доставиме целата документацијата во име на транспарентоста, додаде Шилегов. бт/сп/

Остани поврзан