Шефот на британската дипломатија во посета на Сирија
- Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами денеска во Дамаск се сретна со привремениот претседател на Сирија, Ахмад ал Шара. Посетата на Лами на Сирија уследи откако Велика Британија ги укина санкциите за Дамаск

Дамаск, 5 јули 2025 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами денеска во Дамаск се сретна со привремениот претседател на Сирија, Ахмад ал Шара. Посетата на Лами на Сирија уследи откако Велика Британија ги укина санкциите за Дамаск.
Според соопштението на канцеларијата на сирискиот претседател, Шара и Лами разговарале билатералните односи и начините за зајакнување на соработката, како и за регионалните и меѓународните случувања.
Лами се сретна и со сирискиот колега Асад ал Шибани.
Британската Влада во април ги укина санкциите против десетина сириски владини субјекти и медиуми за да помогне во обновата на земјата по соборувањето на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад. Неколку недели претходно, Велика Британија ги укина санкциите против околу дваесет сириски компании, главно банки и нафтени компании.
Пред неколку дена и американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба, со која се укинуваат многу економски санкции на САД врз Сирија.
Сирија ги подобри односите со западните земји по соборувањето на Асад во декември минатата година, во офанзива предводена од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам.
Новите сириски лидери се обидуваат да ја обноват опустошената економија и инфраструктура на земјата по речиси 14 години граѓанска војна, во која загинаа половина милион луѓе. ми/
фото: ЕПА