• петок, 05 декември 2025

Шест од деветмината кандидати за градоначалник на Струга потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

Шест од деветмината кандидати за градоначалник на Струга потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

Струга, 26 септември 2025 (МИА) - Шестмина од деветте кандидати за градоначалници на Општина Струга денеска во просториите на Општинската изборна комисија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

Кодексот го потпишаа, Арсим Далипи од Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, Љубе Петревски од Работничката партија, Роберт Милески од Демократи Скопје и независните кандидати Насто Палиоски, Менди Ќира и Игор Малески.

На потпишувањето не присуствуваа кандидатите од Левица Јована Мојсоска и независните Бесник Асани и Мирко Савески.

Независниот кандидат Ќира по потпишувањето на Кодексот изјави дека ќе води позитивна и цивилизирана кампања, без клевети.

- Ние сме тие што треба да испратиме позитивна порака дека граѓаните на општина Струга бараат поинаква кампања, поинакво менаџирање и заслужуваат повеќе. Сите кандидати и политички партии треба да се воздржуваат од клевети и било што што ќе им наштети на стружани и на кампањата, рече Ќира.

И кандидатот на Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, Далипи повика на фер, цивилизирана и граѓанска кампања. 

- Пред се ние сме сограѓани, сме живееле и ќе живееме тука и после изборите. Како што и доликува на Струга да го покажеме тоа во тек на кампањата и во целиот изборен процес, изјави Далипи.

Милески, кандидат на Демократи Скопје изрази надеж дека сите учесници ќе се држат до кодексот иако дел не го потпишаа. 

- Се надевам на добра кампања, бидејќи Струга заслужува фер изборен процес во кој најдобриот треба да победи, нагласи Милески.

Независниот кандидат Палисоки се сомнева дека кампањата ќе биде фер и демократска, но остава тоа народот да го каже на крај.

Кандидатот на Работничката партија Петревски посака фер и демократска кампања без изборни измами и кражби, а го очекува спротивното. 

На претсојните локални избори што ќе се одржат на 19 октомври покрај деветте кандидати за градоначалник на Струга во трката за советници во Советот на Општина Струга се 10 листи, седум на политички партии и коалиции и три независни. сс/вј/

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан