Шерки големо засилување за Сити пред Светското клупско првенство
- Манчестер Сити го објави потпишувањето на францускиот репрезентативец Рајан Шерки од Олимпик Лион. Офанзивниот играч од средниот ред потпиша петгодишен договор, кој ќе го задржи до летото 2030 година.
Манчестер, 10 јуни 2025 (МИА) - Манчестер Сити го објави потпишувањето на францускиот репрезентативец Рајан Шерки од Олимпик Лион. Офанзивниот играч од средниот ред потпиша петгодишен договор, кој ќе го задржи до летото 2030 година.
Сити се согласи да плати почетна сума од 30,45 милиони фунти, а Шерки ќе биде достапен да игра за тимот на Пеп Гвардиола на претстојното клупско Светско првенство, кое започнува во Соединетите Американски Држави на 14 јуни.
Манчестер Сити го изрази своето задоволство од потпишувањето на квалитетен играч, бидејќи Шерки, и покрај неговата возраст, има богато искуство, откако веќе одигра 185 натпревари за Лион.
Тој брзо се етаблираше како еден од најкреативните и највозбудливите таленти во европскиот фудбал во последните години. Французинот го имаше своето деби за првиот тим на Лион на 16-годишна возраст во октомври 2019 година, а во јануари 2020 година стана најмладиот стрелец во историјата на клубот. Подоцна истата сезона, тој стана најмладиот играч што играл во полуфинале на Лигата на шампионите кога бил заменет за време на натпреварот против Баерн Минхен.
Во меѓувреме, тој стана еден од најдобрите играчи во Франција.
-Ова е остварување на сонот за мене. Да бидам искрен, приклучувањето кон клуб како Манчестер Сити и можноста да го направам следниот чекор во мојата кариера тука е нешто многу, многу посебно. Цел живот работев напорно за ова. Ја сакам играта и едвај чекам да продолжам да се развивам во Манчестер со Пеп Гвардиола и неговиот тренерски штаб, рече Рајан Шерки по потпишувањето на договорот, според официјалната веб-страница на клубот.
Манчестер Сити е во групата Г на Светското клупско првенство заедно со Јувентус, Видад од Мароко и Ал-Аин од Обединетите Арапски Емирати. Во првото коло на 18 јуни, тој игра против Мароканците во Филаделфија.
-Едвај чекам да им покажам на навивачите на Сити што можам да направам, рече Рајан Шерки.
Еден ден претходно, Сити потпиша со Алжирецот Рајан Аит-Нури од Вулверхемптон Вондерерс, исто така до јуни 2030 година. дс
Фото: Х/Манчестер сити