• четврток, 14 ноември 2024

Шеесетина компании од Кочанско се вклучени во концептот за дуално образование во средните училишта

Шеесетина компании од Кочанско се вклучени во концептот за дуално образование во средните училишта

Кочани, 15 февруари 2023 (МИА) - Концептот за дуално образование во средните училишта во Кочани има одличен одѕив кај стопанските субјекти и за само две години од неговото воведување се вклучени шеесетина локални компании.

На работната средба што денеска ја организираше Општина Кочани, а на која присуствуваа претставници од бизнис секторот, од Регионалната стопанска комора, Министерството за образование, Агенцијата за вработување и од средните училишта, беше нагласено дека ќе продолжи воспоставениот социјален дијалог меѓу стопанството и образованието. Причина за тоа е што се видливи придобивките од реализацијата на проектот Учи паметно, работи стручно", поддржан од швајцарската влада и од ресорното министерство.

-Учениците имаат поголема можност за практична настава, директно на работните места, што заедно со теориската наобразба им обезбедува квалитетни вештини што се неопходни за работен ангажман, веднаш по формализирањето на средното образование. Тоа е и добра основа за нивна понатамошна стручна високошколска образовна надградба. Самиот процес ја потврди потребата за соработка меѓу образованието и стопанството и тој сè повеќе ги зближува претставниците на компаниите, средните училишта и локалната самоуправа. Во моментот 27 приватни компании имаат склучено договор за соработка со СОУ „Љупчо Сантов“, 17 со СОУ „Гошо Викентиев“, а уште 17 стопански субјекти доставија барања и ќе се вклучат во процесот, истакна Голубина Георгиева од Одделението за јавни дејности во Општина Кочани.

Социјалниот дијалог меѓу бизнис секторот и образованието се реализира по спроведена анализа со која се дефинира јасна слика за постојаните профили што ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на стопанските и другите дејности и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта.

Според планот за запишување нови ученици за идната учебна година, освен постојната гимназиска, економско-правна и трговска струка, во СОУ „Љупчо Сантов“ ќе има две дуални паралелки за профилите бизнис администратор и хемиско-лаборантски техничар. Во СОУ „Гошо Викентиев“ планирани се четири дуални и една комбинирана паралелка за профилите електротехничар за електроника и телекомуникации, електротехничар енергетичар, техничар за производно машинство и машинско енергетски техничар. та/сст/

Остани поврзан