• вторник, 05 ноември 2024

Шаќири: Формиравме ново основно училиште во Арачиново, постојната инфраструктура се реконструира

Шаќири: Формиравме ново основно училиште во Арачиново, постојната инфраструктура се реконструира

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Премиерот и министерот за образование и наука во техничката Влада, Талат Џафери и Јетон Шаќири денеска беа во посета на општина Арачиново. Тие извршија увид во градежните активности што Министерството за образование и наука (МОН) ги спроведува за потребите на новото основно училиште „Абдил Фрашери“, информираат попладнево од ова министерство.

- Минатата година како Влада и Министерство за образование и наука, дадовме поддршка на една локална иницијатива на населението во Арачиново, поврзана со унапредување на воспитно - образовниот процес на децата од оваа општина. Тоа беше барање за основање ново основно училиште, со цел да се растерети работата на постојното и едно од најголемите основни училишта во државата - „Ѓерѓ Кастриот Скендебег“, каде имаше околу 2.000 ученици. И идејата се реализираше, односно од учебната 2023-2024 година, започна со работа нов правен субјект - основно училиште што функционира во еден од постојните објекти, каде во моментов се изведуваат реконструктивни активности, се наведува во писмената изјава на Шаќири.

Како што појаснува тој, за да се одговори целосно на потребите на новата образовна установа, секако пред сè во интерес на учениците, одлучиле објектот каде е сместено училиштето, да го реконструираат, да се реконструира и спортската сала и да се изврши адаптација на дел од внатрешните простории. 

- Градежните зафати во моментов се изведуваат и за оваа намена се издвоени околу 260 илјади евра. Така што, во многу скоро време ќе имаме еден модерен училиштен објект, каков што и заслужуваат децата и вработените тука, пишува во изјавата на Шаќири. 

Тој додал и дека за основното училиште „Ѓерѓ Кастриот Скендербег“, неодамна, МОН обезбеди компјутери и друга ИТ опрема, клупи и столици, како и дидактички материјали по природни и општествени науки во вредност од пет милиони денари, а на крајот на овој, или почетокот на следниот месец, ќе се постави нова мрежна опрема за користење безбеден интернет. 

Шаќири изразил уверување дека секогаш и секаде каде ќе има потреба од интервенција, МОН ќе постапува согласно приоритетноста на доставените барања, затоа што, како што рекол, инфраструктурата е основен услов за квалитетен образовен процес. 

Од МОН појаснуваат дека во новото основно училиште има 1.100 ученици од прво до деветто одделение. За работата се грижат 80-тина преземени работени од постојното, кое пак, продолжува да работи со 830 ученици. бд/аа/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан