• среда, 15 мај 2024

Шаќири се обрати на Втората европска конференција за религиски дијалог и соработка во Струга

Шаќири се обрати на Втората европска конференција за религиски дијалог и соработка во Струга
Струга, 13 јуни 2022 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска учествуваше на Втората европска конференција за религиски дијалог и соработка во Струга на тема „Односот меѓу религијата и глобализацијата: религискиот партикуларизам наспроти религискиот универзализам“, информира прес-службата на министерот. - Несомнено религијата има многу важна улога во глобализираното општество, иако кога се говори за глобализацијата генерално, најпрво секогаш се мисли на нејзиниот економски и политички контекст, како движење на капитализмот што се шири низ светот. Но, надвор од тој контекст, глобализацијата им овозможува на различните религии и култури да се поврзуваат едни со други и да ги споделуваат своите вредности, обичаи, традиции и така натаму. Од друга страна, ние сме целосно свесни и сме сведоци дека религијата силно влијае на меѓународните односи, на нашите општества и на нашите животи, истакна Шаќири во своето обраќање. Како што се наведува во соопштението, Шаќири изразил задоволство што конференцијата се организира токму во неговиот роден град, кој како што рече е „одличен пример за мултикултурализам, во кој заедно живеат припадници на различни религии, споделувајќи ги своите вредности, сличности и разлики меѓу себе“. -Верувам дека учесниците на оваа конференција ќе можат и ќе имаат време да ја видат разноликоста на овој град во следните денови и ќе бидат воодушевени од хармонијата во која живеат граѓаните припадници на различни етнички и верски заедници, истакна Шаќири. На конференцијата која ќе трае три дена, учествуваат претставници на институциите во повеќе европски земји, експерти, научно – истражувачки работници, претставници на академската фела и на верските заедници. ки/нд/

Остани поврзан