• петок, 22 ноември 2024

Шахпаска: Во недела ќе работи само неопходен минимум од дејностите кои се исклучок

Шахпаска: Во недела ќе работи само неопходен минимум од дејностите кои се исклучок
Скопје, 10 февруари 2021 (МИА) - Во последната верзија на предлог-законот, опфатени се 34 дејности за кои ќе биде дозволено да работат во недела, тоа се вработени во јавни претпријатија и институции од витално значење. Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, 30 проценти од дејностите ќе бидат исклучок во новото законско решение, но тоа нема да бидат сите вработени туку неопходниот минимум за да не се прекине континуитетот и да може државата да функциноира. Во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма Шахпаска посочи дека треба да се направи реорганизација на работниот процес и да се стекне навика за заштита на работничките права кои и сега се регулирани во Законот за работни односи но се прекршуваат од работодавачите. Работникот кој ќе работи во недела треба да добива 50 отсто дневница и слободен ден во седмицата потоа. Шахпаска рече засега не може да се направи анализа за финансиските импликации, но смета дека новото решение нема да ја зголеми  невработеноста. - Не можеме да ја оставиме државата без дејности кои се неопходни за да да може да функционира. Сите процеси кои имаат континуитет не смеат да прекинат, но со неопходен минимум за да функциноираат. Како Влада ќе бидеме неуспешни ако има отпуштање од работа. Само со добра организација и промена на навиките може да се врати она што се викаше работничко право, рече Шахпаска. Појасни дека законското решение предвидува активно вклучување на Трудовиот инспекторат и дека ќе има мерка за затворање на субјектот (веројатно 15 дена) кој ќе работи во недела, а покрај тоа ќе има и парична казна согласно со  Законот за прекршоци. Смета дека тоа ќе биде сериозна опомена, ќе се почитуваат правата на работниците, а со неработната недела ќе се вратат и семејните вредности. Според пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, законот за недела неработен ден е популистички со кој власта сака да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, како што се немањето вакцини, невработеноста и проблемите во економијата. - Во моменти кога има над 50 000 невработени како резултат на пандемијата, власта турка закон за недела да биде неработен ден, рече Ласовска,  додавајќи дека над 30 стопански гранки нема да видат никаков бенефит од законот и дека конфекциите во Источна Македонија имаат нарачки само до февруари. Ангел Димиров од Организација на работодавачи смета дека треба да се допрецизира кој нема да работи зашто има дејности кои ќе бидат опфатени но тие имаат сервисни служби кои мора да работат, како што е случајот со фабриките за млеко и нивните служби. Смета и дека негативен аспект од овој закон е што ќе се загубат приходи од купувачи од Косово, Србија и Бугарија кои ги посетуваат нашите молови, а ќе се изгуби и девизниот прилив ако нашите граѓани одат да пазарат во Србија каде што продавниците работат во недела. Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ рече дека ќе нема проблеми во почитување на законот зашто околу 90 отсто од дејностите се под јавна администрација, имаат работно време и синдикати. Проблемот го гледа во приватниот сектор каде што најмногу се прекршуваат работничките права, посочувајќи ги како пример моловите кои работат и во недела, а вработените имаат еден или два дена слободни во месецот. хс/дма/

Остани поврзан