• понеделник, 23 декември 2024

Шахин: До крајот на летото треба да ја ставиме пандемијата под контрола

Шахин: До крајот на летото треба да ја ставиме пандемијата под контрола
Берлин, 1 март 2021 (МИА) - Професорот по медицина и коосновач на „БиоНТек“, Угур Шахин предвидува дека новите случаи на коронавирус во Германија „ќе покажат значителен пад кон крајот на мај или почетокот на јуни“, како резултат на вакцинацијата. Тој исто така смета дека британската мутација на вирусот Б.1.1.7 почнува да се шири во Германија. Од средината на март, според неговата прогноза, стапката на смртност кај првично вакцинираниот постар дел од популацијата треба да се намали. - До крајот на летото треба да ја ставиме пандемијата под контрола доколку доволно луѓе се одлучат да се вакцинираат. Ова не значи дека нема да има нови инфекции, но повторно ќе можеме да водиме нормален живот, вели Шахин во интервју за „Шпигел“.

Тој се согласува дека луѓето со текот на времето можеби ќе треба да земат и трета доза на вакцина против коронавирус.

На прашањето од „Шпигел“ дали третата доза ќе биде неопходна најдоцна следната година, Шахин одговори дека вакцинацијата може да се спроведува на секои две години, што е прилагодено на различните варијанти на вирусот.

- Слично на грипот. Тоа е можеби новата нормалност за нас, рече Шахин.

Администрацијата на германскиот претседател објави дека на Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туреџи ќе им биде доделен Големиот крст на заслуги.

Церемонијата ќе се одржи на 19 март во палатата Белви и на неа ќе присуствува претседателот Франк Валтер Штајнмаер. паг/

Остани поврзан