• недела, 17 ноември 2024

Членките на ЕУ се усогласија за директивата за зајакнување на телата за борба против дискриминацијата 

Членките на ЕУ се усогласија за директивата за зајакнување на телата за борба против дискриминацијата 

Брисел, 20 февруари 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска го усогласи својот став во однос на Предлог-директивата за зајакнување на улогата на телата задолжени за борба против дискриминацијата врз основа на пол, раса, етничко потекло, религија, попреченост, возраст или сексуална ориентација. 

Предлогот треба да им помогне на телата за промоција на рамноправноста и да ја подобри нивната ефикасност во борат против секоја форма на дискриминацијата и во поддршката на жртвите, како и да ја гарантира нивната независност преку утврдување на минимални стандарди за нивното функционирање. 

Според белгиската државна секретарка за родова еднаквост, еднакви можности и различности Мари-Колин Лероа, оваа директива значително ќе ја зајакне улогата на телата за рамноправноста како заштитници на правата на европските граѓани, на вредностите на ЕУ и на принципите за антидискриминација.  

Со регулативата се гарантира целосна независност на овие тела од надворешни влијанија, владините институции или кои било други субјекти, со цел да можат ефикасно да ја извршуваат улогата за која се формирани.  

Телата треба да имаат доволно персонал и ресурси и нивните задачи вклучуваат прибирање податоци и подигање на свеста за рамноправноста, давање мислења, спроведување истраги, како и помагање на жртвите на дискриминацијата, вклучително и пред судовите. 

Европската комисија ја предложи оваа директива во декември 2022 година со цел да се обезбеди еднаков третман меѓу сите лица во ЕУ без разлика на нивното расно или етничко потекло, еднаквост при вработувањето независно на нивните верски убедувања, попреченост, возраст или сексуална ориентација, како и рамноправност меѓу жените и мажите за прашања поврзани со социјалната сигурност и во пристапот до стоки и услуги. 

Оваа директива е поднесена заедно со предлогот за стандарди за телата за рамноправност во сферата на еднаков третман и еднакви можности меѓу жените и мажите при вработувањето и изборот на занимањето. 

Советот на ЕУ уште лани во јуни се усогласи за Предлог-директивата за зајакнување на улогата на телата задолжени за борба против дискриминацијата, но се наметна потребата за нејзини дополнителни измени и усогласувања со регулативата за стандарди за телата за еднакви можности меѓу жените и мажите при вработувањето, за која Европскиот совет и Европарламентот постигнаа договор во декември 2023 година. 

Текстот на денеска усогласената Предлог-директива сега ќе биде доставен до Европскиот парламент, по што ќе следи процесот на „тријалог“ за утврдување на конечната верзија на законскиот документ. 

Се очекува двете директиви да бидат усвоени во мај годинава, по што земјите членки ќе имаат рок од една година да ги усогласат своите национални законодавства со нив. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан