„Чистота и Зеленило“ Куманово, почна со расчстување на депониите покрај реките
- Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ од Куманово, денеска започнаа со акција за расчистување на дивата депонија лоцирана кај мостот на реката Којнарка
Куманово, 16 февруари 2026 (МИА) - Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ од Куманово, денеска започнаа со акција за расчистување на дивата депонија лоцирана кај мостот на реката Којнарка. Директорот на шретпријатието Сашо Томиќ на денешната прес-конференција рече дека екипите работат од раните утрински часови со цел да се пристапи до самото речно корито.
-Сликата што ја гледаме заедно со вас е навистина загрижувачка. Апелирам до сите граѓани да се воздржат од фрлање отпад во реката и во речното корито. Сите заедно треба да ја заштитиме животната и човековата средина, изјави Томиќ.
Тој најави дека ќе се постави заштитна ограда од двете страни на реката. Во текот на неделата ќе бидат поставени два контејнери со капацитет од по пет кубни метри, наменети за легално депонирање отпад.

Томиќ појасни дека јавното претпријатие нема законска надлежност, ниту технички ресурси за целосно чистење на речното корито.
-Ние не сме задолжени за чистење на коритото и немаме соодветна механизација. Имаме информација дека надлежното водостопанство ќе се обиде да интервенира и да го прошири и исчисти коритото. Во рамки на нашите можности ќе продолжиме да ја подобруваме хигиената, изјави директорот на претпријатието.

Во изминатиот период, „Чистота и Зеленило“ интервенираше на повеќе локации со диви депонии. Иако количините на отпад се намалени по расчистувањето, дел од локациите повторно се користат за нелегално фрлање отпад. Како една од поалармантните точки Томиќ ги посочи просторот кај железничката пруга и населбата „6 Април“, како и делови од улицата „Анѓа Ранковиќ“, каде повторно се појавува значителна количина отпад.

Во однос на можноста за поставување видеонадзор, Томиќ нагласи дека тоа е во надлежност на Општината и комуналната инспекција, со кои претпријатието веќе комуницира. Покрај расчистувањето, претпријатието најавува и интензивни активности за уредување и озеленување на градот. Веќе следниот викенд ќе започне уредување на паркот во кругот на Општата болница во Куманово, по што ќе следува работа на градскиот кеј, парковите и кружните текови. Планирано е озеленување и во месната заедница „Панче Пешев“, како и на други урбани локации каде што постојат услови за стручно и квалитетно садење нови садници. Случајот со отпад од гуми, кој најверојатно потекнува од деловни субјекти во околината, ќе биде пријавен до надлежната инспекција. Директорот посочи дека ќе бидат поднесени пријави, но исходот зависи од институциите задолжени за санкционирање. ам/сст/
Фото МИА