• петок, 02 јануари 2026

Чешкиот премиер бара иницијативата „Муниција за Украина“ да биде без корупција

Чешкиот премиер бара иницијативата „Муниција за Украина“ да биде без корупција

Прага, 2 јануари 2026 (МИА) – Новиот чешки премиер, милијардерот Андреј Бабиш, денеска ги отфрли тврдењата на коалициските партнери, радикалните националисти, дека ќе биде укината меѓународната иницијатива „Муниција за Украина“ со која координира Чешка и изјави дека таа иницијатива „можеби е добра, но мора да биде транспарентна и без корупција“.

- Иницијативата за муниција е можеби добра работа, но сакам да се уверам дека се одвива транспарентно и дека таму нема корупција. А пред сè, дека никој не ја злоупотребува војната на штета на Украина и сојузничките буџети, изјави Бабиш за чешкиот весник „Дењик“.

Лидерот на радикалните националисти од партијата Слобода и директна демократија, претседателот на Долниот дом на парламентот Томио Окамура, му забрани на министерот за одбрана Јаромир Зуна, кого националистите го именуваа во новата коалициска влада, да комуницира со медиумите по првата прес-конференција на која рече дека испораките на артилериска муниција ќе продолжат, а Чешка нема да се откаже од купувањето на американските борбени авиони Ф-35, како што ветуваа и Бабиш и Окамура во предизборната кампања, пренесе Бета.

Иако изјавите на министерот за одбрана беа целосно во согласност со она што го зборуваше самиот премиер по именувањето на владата, тие налутија голем дел од гласачите на чешките радикали и покренаа лавина коментари дека Окамура ги предал гласачите бидејќи им ветувал дека од Чешка во Украина нема да одат оружје, муниција, ниту каква било друга помош, а дека ќе ги избрка украинските воени бегалци кои најдоа засолниште во Чешка.

Бабиш денеска во интервјуто за „Дењик“ нагласи дека тој лично како премиер е гарант на надворешната и безбедносната политика на Чешка и дека ќе им објасни на коалициските партнери дека ако Владата како целина биде успешна, ќе бидат и тие.

- Ние не можеме повеќе да ѝ даваме пари на Украина од буџетот, бидејќи немаме повеќе ни за нашите готвачки во училиштата. Гаранцијата е всушност долг, бидејќи јасно е дека Украина никогаш не може да ги врати тие пари. Доби 187 милијарди, сега ќе добие 100 милијарди и уште 90 милијарди како заем, значи вкупно 377 милијарди евра, рече Бабиш.

Според чешкиот премиер, неговата влада на последниот самит на Европската унија во Брисел ја поддржала, а и понатаму ќе ја поддржува помошта за Украина, но само со пари кои Чешка, како нето-корисник на средства од ЕУ, ги добива во далеку поголем износ отколку што уплаќа во заедничката европска каса.

Чешка, освен на самиот почеток во средината на 2024 година, не вложуваше свои средства во иницијативата „Муниција за Украина“, во која чешките посредници, благодарение на старите врски и контакти, бараат артилериска муниција во трети земји, а ја плаќаат развиените западни земји и бесплатно ја испорачуваат на Украина, за што Чешка е само координатор.

И на воената помош за Украина Чешка, како и Словачка, всушност заработи, бидејќи на Украина ѝ испрати старо постсоветско оружје од магацините во вредност од 725 милиони евра, а благодарение на компензациите од западните сојузници и рефундирањето од фондовите на НАТО и Европската унија, доби 1,2 милијарди евра. јт/ми/

Фото: МИА архива

Остани поврзан