• недела, 22 декември 2024

Чешката европратеничка Длабајова бара преиспитување на изборот на Маркус Пипер за претставник на ЕУ за МСП 

Чешката европратеничка Длабајова бара преиспитување на изборот на Маркус Пипер за претставник на ЕУ за МСП 

Брисел, 4 март 2024 (МИА) - Чешката европратеничка Мартина Длабајова поднесе барање за преиспитување на одлуката на Европската комисија за именување на германскиот европратеник Маркус Пипер за претставник на ЕУ за мали и средни претпријатија (МСП), изразувајќи сомнеж околу тоа дали процесот на селекција се засновал на принципите на заслуги и еднакви можности. 

Покрај иницијативата на Длабајова, која заедно со Пипер и шведската европратеничка Ана Стелингер, беше во потесниот избор за ова функција, до ЕК пристигна и барање од група европратеници за извештај за постапката при изборот на новиот претставник за МСП, а истрага за овој случај претходно побара и Транспаренси интернешнал. 

Именувањето на Пипер, кој доаѓа од редовите на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ) за нов претставник на ЕУ за мали и средни претпријатија уште веднаш предизвика реакции во одредени кругови на Унијата, кои изразија загриженоста за потенцијален судир на интереси на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со назначувањето на нејзиниот сопартиец на оваа должност.  

Како што јави дописникот на МИА од Брсиел, одлуката за изменување на Пипер беше донесена од страна на Европската комисија на 31 јануари, три недели пред ЦДУ да објави дека предлага реизбор на Фон дер Лајен на сегашната должност, што предизвика сомнеж дека нејзината цел со назначувањето на германскиот европратеник била да обезбеди поддршка од матичната партија. 

Длабајова во своето барање до Генералниот директорат за персонал и безбедност на Европската комисија прашува дали изборот на Пипер е направен врз основа на оценката за заслуги, вклучително и резултатите од тестовите и интервјуата и од рангирањето, како и дали се водело сметка за политиките за еднакви можности. 

Според извори во ЕК, Длабајова и Стелингер наводно постигнале најмалку 30 отсто подобри резултати од Пипер во проценките при процесот на селекција на кандидатите. сп/

Фото: Европски парламент

Остани поврзан