• сабота, 23 ноември 2024

Четири милиони долари добиени од продажба на имот од поранешна Југославија, ќе бидат искористени за потребите на МНР

Четири милиони долари добиени од продажба на имот од поранешна Југославија, ќе бидат искористени за потребите на МНР
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) - Северна Македонија доби четири милиони долари од продажбата на заедничкиот имот на поранешна Југославија во Њујорк, а ќе се искористат за потребите на МНР за купување објект за нашата мисија во Њујорк, информира денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.  -Тие средства пред два дена легнаа на сметката на нашата мисија во Њујорк и во меѓувреме Владата на својата седница во вторникот, на предлог на МНР, донесе одлука со тие средства, односно во рамки на тие средства бидејќи тие средства ќе одат во буџетот, меѓутоа во рамки на тие средства да се купува објект за нашата мисија во Њујорк и со остатокот од средствата во регионот. Така што, одиме кон искористување на средствата коишто доаѓаат од сукцесија директно за потребите на МНР, рече Османи.   Досега со сукцесијата МНР доби неколку објекти како што се резиденцијата во Париз која што веќе е наша амбасада, потоа станови во Рим, Трст, дел од објектот во Њу Делхи и во Бразил, објект во Камбера, во Хараре и сите тие треба да бидат ставени во функција на нашата дипломатска мрежа.   Запрашан во однос на тоа до каде е процесот на сукцесија, Османи информира дека остануваат уште објекти на поранешна Југославија коишто треба да се поделат, меѓу кои се објекти во Романија, во Албанија, но и во други држави. -Тој процес продолжува и се разбира ние сме дел од петорката која што разговара за поделба на имотот, меѓутоа се разбира и на веќе добиените, како да ги ставиме во функција на дипломатија. Ќе се реновира објектот во Њу Делхи со цел да биде амбасада за да не плаќаме кирии. Истото се случува во Бразилија, во Атина и тн, рече министерот Османи на новинарско прашање. вг/лв/

Остани поврзан