Четириест и едно семејство се вселуваат во типските куќи во штипската населба Мирјанина црква
- Почна доделувањето на клучевите од типските куќи во коишто треба да се вселат 41 семејства кои се од социјален ризик и коишто неколку години живееја во рунираните објекти на старото Нервно одделение и во објектот кај хотелот Гарни во центарот на Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека вселувањето на семејствата почнува денеска, откако им се дадени клучевите од новите домови во населбата Мирјанина црква.
Штип, 17 ноември 2025 (МИА) – Почна доделувањето на клучевите од типските куќи во коишто треба да се вселат 41 семејства кои се од социјален ризик и коишто неколку години живееја во рунираните објекти на старото Нервно одделение и во објектот кај хотелот Гарни во центарот на Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека вселувањето на семејствата почнува денеска, откако им се дадени клучевите од новите домови во населбата Мирјанина црква.
Тој истакна дека со ова решава деценискиот проблем на семејствата кои беа во рунирани објект и без основни услови за живот. Средствата за реализацијата на проектот се обезбедени преку фондовите на ЕУ и со кофинансирање на Општина Штип.

-Проектот е во вредност од околу 650.000 евра, од кои 440.000 се од фондовите на ЕУ, а останите средства се обезбедени од буџетот на Општина Штип, вели Јорданов.
Тој додава дека деновиве ќе почне уривањето на објектот кај хотелот Гарни, по што ќе следи и расчистување кај старото Нервно одделение, каде што треба да биде зона за домување, односно според Деталниот урбанистички план на оваа локација ќе се продаваат градежни парцели за изградба на станбени згради. Локацијата е атрактивна и се наоѓа долж булеварот Партизанска и спротив новиот објект на супермаркетот „Лидл“, којшто треба да се отвори наскоро. вдј/вј/
Фото: МИА архива