• четврток, 18 април 2024

Ларсон Џаин за МИА: ЕУ јасно кажа владеењето на правото да биде во центарот на реформската агенда

Ларсон Џаин за МИА: ЕУ јасно кажа владеењето на правото да биде во центарот на реформската агенда

Скопје, 9 март 2023 (МИА) - Европската Унија јасно кажа владеењето на правото да биде во центарот на реформската агенда. Без опсежни реформи, земјата едноставно нема да биде подготвена да влезе во најнапредната економска и политичка заедница во светот, порача во интервју за МИА шведската амбасадорка во Северна Македонија Ами Ларсон Џаин.

-Една важна причина зошто има моментум за пристапување на Северна Македонија во ЕУ се напорите на земјата во процесот на скрининг. Во овие денови, кога една криза се надоврзува на друга, во Советот добрите вести се ретки. Оттаму, позитивно се гледа на скрининг-процесот и за Северна Македонија и за Албанија. Процесот ќе биде ригорозен, мора да се исполнат одредниците – но постои моментум, вели Ларсон Џаин за МИА.

За уставните измени, кои се неопходни за земјава да оди во следната фаза на пристапување во ЕУ, вели дека остануваат суверена одлука што треба да ја донесе Северна Македонија.

При претставувањето на приоритетите на шведското претседателство со ЕУ, кажавте дека реформите се клучот за одење напред на патот кон ЕУ, и дека земјава се покажа како добро подготвена и високо професионална во процесот на скрининг. Како го оценувате досегашниот тек на скринингот?

Опсежните реформи се навистина клучни за подготовка на земјата за членство во ЕУ. Реформите се однесуваат на законодавството, но и на имплементацијата и ефективното спроведување на законите. Без ова, земјата едноставно нема да биде подготвена да влезе во најнапредната економска и политичка заедница во светот.

Тоа ќе биде трансформативен процес и ќе бара напорна работа и решителност, но реформите ќе имаат корист и за граѓаните на Северна Македонија. Не од денот на влегувањето на земјата во ЕУ, туку од денот на спроведувањето на реформите. Обемот на промената значи дека таа мора да се случи преку примена на пристап во кој целото општество е вклучено.

Една важна причина зошто има моментум за пристапување на Северна Македонија во ЕУ се напорите на земјата во процесот на скрининг. Во овие денови, кога една криза се надоврзува на друга, во Советот добрите вести се ретки. Оттаму, позитивно се гледа на скрининг-процесот и за Северна Македонија и за Албанија. Процесот ќе биде ригорозен, мора да се исполнат одредниците – но постои моментум.

Корупцијата, клиентелизмот, владеењето на правото се рак рана на нашето општество. Само осум отсто од граѓаните имаат доверба во судството. Граѓаните не се иселуваат од земјава само поради финансиски причини туку и поради нефункционирање на системот. Препораките на државната Антикорупциска комисија не се проследуваат систематски. Што ќе им порачате на политичарите?

-ЕУ беше многу јасна во однос на тоа дека треба се даде предност на владеењето на правото и тоа да се постави во центарот на реформската агенда.

Корупцијата е корозивна за општеството. Ја ослабува демократијата преку поткопување на довербата во институциите. Тоа го загрозува функционирањето на економијата и ја нарушува конкуренцијата. Граѓаните и бизнисите губат – губи и општеството во целина. Северна Македонија мора да се справи со корупцијата и клиентелизмот за да се справи и со одливот на талентирани млади Македонци.

Борбата против корупцијата и другите димензии на владеењето на правото се основите на членството во ЕУ. Не случајно тие се областите со кои започнува и со кои завршува процесот на пристапување на земјите кандидати во ЕУ.

Ние многу внимателно ги следиме случувањата на ова поле и забележуваме и назадување, но и охрабрувачки напредок. На патот кон ЕУ не постои пократок пат.

Без разлика колку и да напредува во реформите и во нивното спроведување, Северна Македонија нема да може да оди во следната фаза на пристапувањето кон ЕУ, доколку не ги спроведе уставните измени односно не ги внесе Бугарите во Уставот, за што засега не е обезбедено мнозинство. Доколку не се завршат уставните измени паралелно со билатералниот скрининг, до ноември 2023, што ќе значи тоа за земјава?

-Уставните измени остануваат суверена одлука што треба да ја донесе Северна Македонија.

Во овој контекст, можеби вреди да се спомене дека многу земји-членки на ЕУ мораа да направат компромиси за билатерални прашања со цел да ги решат прашањата кои инаку би ја попречиле соработката во Унијата. Самата ЕУ е всушност организација изградена на преговори и тешки компромиси – но придобивките далеку ги надминуваат жртвите што треба да се направат на патот. Заедно навистина сме посилни, а моменталната геополитичка ситуација само го нагласува овој факт.

Во Северна Македонија согласно Уставот се почитуваат правата на сите малцински заедници. Но што е со останатите земји, каде што согласно нивниот устав не се признаваат останати малцинства, како што е примерот со Бугарија, Франција... Судот за човекови права донесе повеќе пресуди за Бугарија за македонското малцинство, што не се почитуваат таму и на тој начин ги лишува човековите права на граѓаните на Бугарија кои се декларираат како Македонци. Ваш коментар за ова.

-Човековите права се дел од темелните вредности на кои се заснова Европската унија. Очекуваме сите земји кои сакаат да ни се придружат, како и сите земји-членки на ЕУ, да ги применуваат стандардите за човекови права.

Како ја оценувате моменталната состојба во односите Скопје –Софија. Сведоци сме на секојдневни инциденти, што неминовно влијае на билатералните односи, како и на работата на Мешовитата историско-образовна комисија. Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА оцени дека и во Бугарија и кај нас има поединци и групи, па и политички партии што се финансирани и поттикнати од трети страни, односно од држави, кои не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ. Што ќе им порачате на властите во Скопје и Софија?

-Не е мое да ги оценувам билатералните односи меѓу овие две земји.

Сепак, загрижувачки е да се слушнат пораките од Владата за можно мешање на трети страни преку поединци или групи, а постојат и такви кои даваа предупредувања дека Западен Балкан може да биде фокус на силите кои сакаат да го одвлечат вниманието од руската агресија врз Украина.

Мојот став би бил дека тоа додава уште поголема важност на потребата да се задржи ладнокрвноста и објективно да се процени развојот на настаните, да се продолжи билатералниот дијалог како и размената на информации, се со цел да се заштити од какво било можно надворешно мешање.

Најновото истражување Еврометар од февруари годинава покажува пораст на евроскептицизмот. Само 49 отсто од граѓаните сметаат дека „генерално, членството во ЕУ“ би била добра работа, што е пад на довербата во Унијата од 20 проценти во однос на есента 2021. Како го коментирате ова, дали Унијата потфрли во очекувањата на граѓаните тука?

-Важно е да се признае дека постои чувство на разочараност по многу долгото чекање Северна Македонија да продолжи напред во процесот на интеграција во ЕУ.

Во исто време, јасно е не само дека ЕУ е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, туку и дека нуди убедливо најдобри изгледи кога станува збор за просперитетот, безбедноста и демократските вредности. Драго ми е што некои истражувања покажуваат и дека перцепцијата кај многу испитаници е дека ЕУ е најголемиот сојузник на оваа земја.

Мислам дека треба да запомниме и дека Северна Македонија веќе денес ужива многу суштински придобивки од нејзиниот однос со ЕУ. Како што интеграцијата во ЕУ напредува, така тоа и ќе се зголеми. На пример, Македонците ширум светот беа вклучени во напорите за репатријација на ЕУ за време на пандемијата, исто така, Северна Македонија ги ужива истите права и обврски на програмата Еразмус + за 2021-2027 година како и земјите-членки на ЕУ.

Шведска, исто така, има голема билатерална програма за реформска соработка насочена кон поддршка на процесот на пристапување во ЕУ. Ова е одраз на нашата посветеност на Северна Македонија и нејзиниот стратешки избор за членство во ЕУ. Значи, дивидендите од движењето кон ЕУ се веќе тука и ќе продолжат, но тие можеби не се секогаш добро познати. Ние во ЕУ можеби треба да бидеме самокритични со тоа што не сме ја искомуницирале ефикасно широката соработка и поддршка, оставајќи ги Македонците да чувствуваат дека се оставени, кога тоа никако не е случај.

Трет приоритет на шведското претседавање со ЕУ е забрзување на зелената транзиција. Со оглед дека обновливите извори на енергија се иднината на регионот на Западен Балкан, како го оценувате напредокот на земјава во остварувањето на целите на Зелената агенда?

-Јасно е дека зелената транзиција мора да се забрза, и овде, како и во остатокот од светот, вклучително и во мојата земја. Станува збор за градење поотпорни економии, со оглед на геополитичката реалност.

Според Извештајот на Европската комисија за земјата за 2022 година, Северна Македонија постигнала добро ниво на подготовка во трансевропските мрежи, умерено е подготвена за транспортната политика и енергијата, и има постигнато одредено ниво на подготовка за животната средина и климатските промени. Напредокот мора да продолжи со забрзана имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан.

Токму заради тоа преку шведската реформска програма за соработка придонесуваме и во области како што се управувањето со отпадот, загадувањето на воздухот и зачувувањето на природата.

Шведска и Финска заедно аплицираа за членство во НАТО, но Вашата земја се соочува со блокада од страна на Турција, која најавија дека можеби нема да го ратифкуваат протоколот за вас, а ќе го поддржи зачленувањето само на Финска. Какви се плановите на Стокхолм доколку има блокада и што ќе значи тоа во контекст на новите геополитички случувања, по воената агресија на Русија во Украина?

-Руската инвазија на Украина покажува целосно непочитување на меѓународното право, европскиот безбедносен поредок и најфундаменталните правила во Повелбата на ОН. Безбедносната ситуација во Европа е најсериозна од времето на Студената војна.

Пред нешто повеќе од една година, Шведска немаше планови да се приклучи на НАТО. Промената е директен резултат на целосната инвазија на Русија на Украина. Основите на нашата безбедносна политика се сменија и беше донесена одлука, со силна поддршка во шведскиот Парламент, да се остави зад себе 200 години воена неутралност.

Шведска го исполни трилатералниот договор меѓу Турција, Финска и Шведска. Ние се држевме до обврските за кои се договоривме и ќе придонесеме суштински во силата на Алијансата. Благодарни сме за силната и брза поддршка на Северна Македонија за нашата апликација во НАТО.

Како ги оценувате билатералните односи меѓу Шведска и Северна Македонија, дали постои простор за унапредување на економската соработка?

-Среќна сум што можам да кажам дека билатералните односи меѓу Шведска и Северна Македонија се одлични, со широк спектар на вредни соработки на многу различни полиња. Драго ни е што можеме да го поддржиме процесот на пристапување во ЕУ преку силна програма за реформска соработка, која изнесуваше 6 милиони евра минатата година и се зголемува оваа година. Работиме со Владата, но и со голема група на граѓански организации во областите како што се животната средина и климатските промени, родовата еднаквост и економскиот развој.

Имаме и голем број шведски компании застапени во Северна Македонија. Оваа година фокусот во нашата јавна дипломатија го ставаме на иновациите, креативноста, претприемништвото и младите. Ова ќе послужи и како платформа за разговори за тоа како да се зголеми шведското деловно присуство во Северна Македонија, како и за мерките за спречување на одливот на мозоци од оваа прекрасна земја.

Неда Димова Прокиќ

Фото: Дарко Попов

Остани поврзан