Чесната и осветена икона на Свети Георгиј Победоносец патува кон својот нов дом во Рајчица
- Чесната и осветена икона на Свети Георгиј Победоносец тргна од Светата Гора Антонска и патува кон својот нов дом во Рајчица, каде треба да пристигне утре попладне.
Дебар, 29 март 2024 (МИА) - Чесната и осветена икона на Свети Георгиј Победоносец тргна од Светата Гора Антонска и патува кон својот нов дом во Рајчица, каде треба да пристигне утре попладне.
- Чесната икона на Светиот славен Великомаченик Георгиј Победоносец, којашто со благослов на нашиот светителољубив старец, Владиката г. Партениј, деновиве беше однесена во Градината на Пресвета Богородица, во двата светогорски манастири посветени на Светијата, Ксенофонт и Зограф, за таму да биде благословена и осветена, веќе патува кон својот иден дом, информираше сестра Ефимија.
Свечениот пречек на иконата во манастирот во дебарското село Рајчица "Свети Георгиј Победоносец" ќе биде утре, на 30 март, сабота, во 16 часот.
-Ве покануваме утре во 16 часот, да ја пречекаме со љубов и радост и да ѝ оддадеме достојна чест, благодарејќи му и славејќи го Великиот Христов Победоносец, кој е неуморен застапеник и молитвеник пред престолот Божји за родот Христијански, вели сестра Ефимија.
Според неа со оваа чудотворна икона „трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата наша држава“.
Иконата на Св. Георгиј Победоносец, е идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век на манастирот Зограф на Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните светињи, легендарниот молдавски војвода Свети Стефан III Велики.
Иконата чиј дом од утре ќе биде раичкиот манастир беше благословена и осветена од првообразната Молдавска икона, којашто се чува во манастирот Зограф. вт/свс/
Фото: Бигорски/ принскрин