• четврток, 26 март 2026

Червар: Секој ден размислувам за Македонија, мојата втора татковина

Червар: Секој ден размислувам за Македонија, мојата втора татковина

Скопје, 28 октомври 2025 (МИА) – Во пресрет на утрешниот ревијален натпревар „Легендите на сцена“ во организација на „Спортско радио“, легендарниот хрватски тренер Лино Червар се потсети на деновите кога беше дел од македонскиот ракомет.

- Секој ден размислувам за Македонија, мојата втора татковина. Многу сум среќен што сум овде и што имам можност да се сретнам со многу лица кои помогнаа да бидам ова што сум денес. Среќен сум што Македонија има Министерство за спорт, а негов прв човек е мојот некогашен играч – Борко Ристовски. Овде се чувствувам како дома. Спортот е единствено нешто кое може да ги спои луѓето. Соперниците стануваат пријатели. Затоа мора да ги учиме децата да практикуваат спорт и да го јакнат тимскиот дух. Така ќе израснат во здрави личности, истакна Червар.

Дел од ракометниот спектакл ќе бидат и поранешните македонски репрезентативци, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов.

- Ракометот е спорт број 1 во Македонија. Затоа чест е да се биде дел од ваков натпревар на кој ќе учествуваат ракометни ѕвезди, судии, ракометни работници. Очекувам многу забава и дружење, рече Миркуловски.

Слично размислува и Стоилов.

- Среќен сум што ќе се сретнам со многу бивши соиграчи. Очекувам преку дружење и забава да направиме спектакл.

Поранешниот вардарец и двоен освојувач на Лигата на шампионите, Данил Шишкарев се заблагодари на поканата да биде помеѓу легендите.

- Многу време поминав тука. Голема чест ми е што ќе бидам дел од натпреварот. Бев во сала да го следам натпреварот на Вардар со Бутел и тоа кај мене предизвика многу емоции. Се видов со многу пријатели и моите некогашни соиграчи, потенцира Русинот.

Ревијалниот ракометен спектакл ќе почне утревечер од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Екипите ќе бидат предводени од тренерите Ристо Магдинчев, Ѕвонко Шундовски, Лино Червар и Веселин Вујовиќ.

Најавени се да настапат големи ракометни имиња како: Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски, Пепи Манасков, Гоце Георгиевски, Бранко Ангеловски, Аце Станковски, Петар Ангелов-Диви, Раде Стојановиќ, Иван Марковски, Велко Маркоски, Влатко Недановски, Горан Ѓоргоноски, Лазе Мајнов, Александар Царчев, Горан Кузманоски.

Од странците на теренот треба да се појават: Арпад Штербик, Вуко Борозан, Ренато Вугринец, Златко Хорват, Игор Карачиќ, Иван Чупиќ, Жељко Муса, Горан Шпрем, Данил Шишкарев, Жоан Кањелас. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан