Челзи ги одобри трансферите на Чуквуемеке и Анселмин во Дортмунд
- Лондонски Челзи ѝ даде дозвола на Борусија Дортмунд да ги доведе во своите редови Карни Чуквуемеке и Арон Анселмин што ќе ја зголеми вкупната заработка на премиерлигашот од продажба на играчи ова лето на над 270 милиони фунти, објави денеска Би-Би-Си.
Лондон, 24 август 2025 (МИА) – Лондонски Челзи ѝ даде дозвола на Борусија Дортмунд да ги доведе во своите редови Карни Чуквуемеке и Арон Анселмин што ќе ја зголеми вкупната заработка на премиерлигашот од продажба на играчи ова лето на над 270 милиони фунти, објави денеска Би-Би-Си.
Дваесетиедногодишниот Чуквуемеке, кој го помина вториот дел од минатата сезона на позајмица во Дортмунд, ќе потпише перманентен договор за надомест од околу 24 милиони фунти, со клаузула за процент од идните продажби.
Оваа зделка ги зголеми приходите на Челзи од продажна на играчи на 273,4 милиони фунти, што е речиси еднакво на 277 милиони фунти потрошени за пристигнувања ова лето. Лондонскиот клуб претходно доби наредба од УЕФА да има позитивен биланс на трансфери за да регистрира потписи за Лигата на шампионите, откако веќе беше казнет со 26,7 милиони фунти за кршење на финансиските правила.
Анселмин се договори со Борусија за едногодишна позајмица без опција за откуп. Аргентинскиот дефанзивец во Дортмунд ќе ја пополни празнината создадена од повредите на Никлас Зиле, Емре Џан и Ник Шлотербек. ег
ФОТО: ЕПА