• сабота, 23 ноември 2024

Чапутова: Заедно да се справиме со енергетската и климатската криза

Чапутова: Заедно да се справиме со енергетската и климатската криза
Атина, 6 септември 2022 (МИА) – Во денешниот свет, во денешната меѓународна рамка, како земји имаме заеднички вредности и затоа заедно треба да им се спротивставиме на кризите, на претстојната и на постоечката, на енергетската и климатската криза, порача претседателката на Словачка Зузана Чапутова за време на средбата со нејзината грчка колешка Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина. На средбата во претседателската палата во Атина, за време на првата официјална посета на Чапутова на Грција, двете претседателки се осврнаа на билатералните односи и соработката, но и на војната во Украина. Сакеларопулу рече дека делат заеднички принципи и вредности и имаат иста посветеност на меѓународното право. -Како земји- членки на Европската унија и сојузници во НАТО, експлицитно и недвосмислено ја осудивме руската инвазија на Украина, која ги оспорува основните концепти на меѓународното право, како што се неповредливоста на границите и правото на суверен народ да ја избере својата политичка ориентација. Оваа инвазија го сруши безбедносниот систем што беше макотрпно изграден во Европа по Втората светска војна, загрозувајќи го мирот и на нашиот континент и во целиот свет, истакна Сакеларопулу. Додаде дека инвазијата создаде и енергетска опасност од недостаток на храна, како и бегалски бранови, истакнувајќи дека справувањето со овие кризи може да биде  ефикасно само преку тесна соработка и покажување солидарност. Словачката претседателка истакна дека руска агресија тие директно ја чувствуваат, со оглед на тоа дека Украина е нивен сосед, а војната предизвика и бегалска криза. -Сакам да ве информирам дека за време на војната низ нашата земја поминаа повеќе од 700.000 украински бегалци, од кои 90.000 останаа привремено во нашата земја. И секако, како што рековме, кризите се справуваат со блиска соработка меѓу земјите кои споделуваат исти вредности, порача Чапутова. Веднаш по средбата со Сакеларопулу, претседателката на Словачка се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а станало збор за прашања од меѓународен, регионален и европски интерес со акцентот на енергетиката и зелената транзиција. Како што информираа од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер ја истакнал потребата за заедничко справување со енергетската криза, во пресрет на состанокот на министрите за енергетика на Европската унија на 9 септември, потенцирајќи дека главните предизвици за европското единство бараат храбри европски одлуки за поддршка на домаќинствата и бизнисите. Мицотакис на средбата посочил и дека „ревизионизмот и промената на границите не можат да се толерираат, како што покажа руската инвазија на Украина“, а се осврнал и на грчко – турските односи истакнувајќи дека цврстата позиција на Грција е дијалогот заснован на меѓународното право, меѓународното право на морето и добрососедските односи. Нагласил, како што информираа од неговиот кабинет, дека е неприфатливо Грција да добива закани кои стигнуваат до оспорување грчкиот суверенитет од земја која е сојузник во НАТО. ср/сд/

Остани поврзан