• петок, 22 ноември 2024

Чалханоглу: Освојувањето на Скудетото во дербито е моја одмазда кон навивачите на Милан

Чалханоглу: Освојувањето на Скудетото во дербито е моја одмазда кон навивачите на Милан

Милано, 24 април 2024 (МИА) - Играчот од средниот ред на Интер, Хакан Чалханоглу призна дека освојувањето на Скудетото во победата од 2:1 во дербито со Милан беше негова одмазда на навивачите на „росонерите“ за нивните напади врз него по неговиот трансфер како слободен играч во летото 2021 година.

-Ова е одмазда за страдањата што ги доживеав годината кога пристигнав во Интер и во која ја загубивме битката за титулата. Не можам да заборавам се што беше направено против мене и моето семејство од навивачите на Милан, но моето срце беше сигурно дека се ќе заврши добро. Мојата одмазда дојде и освојувањето на Скудетото во дербито ми беше најголемо задоволство. Сето тоа беше испланирано бидејќи Господ знае дека не го заслужив тоа што ми го направија. Отсекогаш сум работел и страдал во тишина без да кажам збор. Откако дојдов во Интер имав само една цел: да дадам максимум и да победам со овој исклучителен тим. Оваа победа се исплати за се, изјави Чалханолу за „Il Giornale“.

Турскиот интернационалец ја изрази и својата радост поради освојувањето на Скудетото, кое е 20-то во историјата на Интер.

-Среќен сум и горд што ја постигнав оваа извонредна цел. Со целото наше битие ја сакавме таа втора ѕвезда. Успех што го заслуживме за целата голема работа што ја направивме заедно. Ја видов снимката од натпреварот и прославите на навивачите. Сè уште не можам да верувам дека е вистина. Радоста е преголема за да се опише. Отсекогаш сонував да ја освојам титулата со голем клуб. Тоа се случи во Интер и не можам да бидам посреќен. Мислам дека е сон за секој фудбалер да ја освои титулата. Имавме неверојатна сезона и им донесовме радост на нашите навивачи, додаде тој.

Фото: Фејсбук/Интер

Остани поврзан