• понеделник, 23 декември 2024

Чаловска: Правата од Законот за безбедност и здравје при работа не важат за жените земјоделки

Чаловска: Правата од Законот за безбедност и здравје при работа не важат за жените земјоделки

Скопје, 30 октомври 2023 (МИА) - Завршна конференција на Мрежата за заштита од дискриминација насловена „Разбивање стереотипи, разоткривање невистини и трасирање на патот за родова еднаквост“ во чиј фокус беа ставени жените земјоделки и нивните права, се одржа денеска во Скопје.

Главна тема на конференцијата беше Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност изработена од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство.

Конференцијата се одвиваше во два панели, првиот беше насочен на заштитата од дискриминација на жените од руралните средини, а вториот на влијанието на антиродовите кампањи кон политиките за унапредување на родовата еднаквост.

Независната активистка Неда Чаловска нагласи дека важно е кога се прават политиките да се тргне од принципот на човекови права кој предвидува репрезентативност и застапеност на групата во работните групи, како и застапеност на експертската јавност за да не се случат вакви документи, како програмата на МТСП, кои што, како што истакна, дополнително ги дискриминираат и ги потценуваат жените земјоделки.

- Жените се носителки на целата грижа за деца и за домот, што дополнително влијае на тоа понатаму да не бидат регистрирани, како и да имаат многу часови неплатена работа. Тие имаат повеќе од 11 часа неплатена работа, споредено со мажите земјоделци, коишто работат одприлика по 9 часа во текот на денот и во најголем дел процентот всушност за нив е плата на работа, истакна Чаловска.

Таа додаде дека покрај тоа, жените земјоделки не го остваруваат и своето право на наследство и правото на имот и само со 12 посто застапени како носителки на земјишта, а само 10 отсто се носителки на земјоделските стопанства, од што следува дека 64 отсто од земјоделките не се активни на пазарот на трудот.

- Четириесет и седум отсто од целата работа е неплатена, односно разликата во примањата меѓу мажите и жените земјоделки изнесува 33 отсто, потенцираше Чаловска.

Податоците од анализата покажуваат дека 18 000 луѓе во државата работат како сезонски, неформални работници и работнички и тие не добиваат никакви социјални ниту пак здравствени бенефиции.

- Ова особено се ефектира на жените кои се во бременост заради тоа што тие се постојано на нива а и во најголем дел податоците покажуваат дека се особено под ризик за спонтан абортус или други компликации во на текот на бременоста. Всушност, поради тоа што не се нигде регистрирани правилата што важат во законот за безбедност и здравје при работа дополнително и да речеме теренските надзори што ги врши трудовиот инспекторат за овие работнички, односно за жените земјоделки, не важат, нагласи таа.

Чаловска нагласи дека мерката не е системско решение, односно се работи за едногодишна програма којашто секоја година се носи од почеток.

Програмскиот директор на Македонско здружение на млади правници, Гоце Коцевски, се осврна на паричниот надоместок што е предвиден за земјоделците.

- Паричните надоместоци коишто се предвидени поради спреченост за работа, не зависност од тоа која е причината, дали болест, бременост, грижа на дете, не се права за социјална заштита, туку се права кои што на овие лица им следуваат затоа што вршат одредена активност за затоа што се осигурени во националниот систем социјално осигурување, нагласи Коцевски.

Од меѓународните стандарди, Коцевски се осврна на стандардите на трите клучни организации, и тоа Меѓународната организација на трудот, Советот на Европа и Европската унија.

- Во рамките на Меѓународната организација на трудот постои одредена еволуција на тоа што се подразбира под поимот работа, со што ги вклучува и оние нестандардни облици на работа каде што влегува и земјоделската работа. Дополнително кај нив постои препорака за заштита на мајчинството, потенцираше тој.

Во врска со нашата состојба, тој истакна дека ние немаме единствена дефиниција за тоа што е земјоделие и дека било каква активност насочена кон решавање на овој проблем мора да оди паралелно со реформи во социјалната, даночната и особено земјоделската политика.

- Неопходно е земјоделците конечно да бидат кај нас дел од т.н. самовработени лица, меѓутоа да се земи во предвид нивната специфична економска состојба. Неопходно е да се препознае неплатениот женски труд, нагласи Коцевски.

Драгана Дрндаревска од Коалиција маргини, се осврна на недонесувањето на законот за родова еднаквост.

- Гледаме дека веќе во февруари, доколку во Собранието имаше политичка волја од страна на сите пратеници да се донесе законот за родова еднаквост, оваа политичка волја веќе за два месеци успеаја да ја сменат преку протести, преку застапување, преку средби со министри. Така што, сега е неизвесно дали ќе се донесе законот за еднаквост и во кава форма, а веќе за правно признавање на родот, односно законот за матична евиденција сметам дека не постои политичка волја. Очигледно дека овие движења имаат големо влијание врз политиката и сега се наоѓам во една состојба во која што религиски заедници и движења коишто имаат цел да ги негираат правата на другите, нагласи Дрндаревска.

На конференцијата присуствуваа и пратенички од Собранието кои ја дадоа својата поддршка за решавање на проблемост со дискриминацијата. сан/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан