• понеделник, 23 декември 2024

Црвенковска: Судиите во мене имаат сојузник во одбрана на нивниот професионален интегритет

Црвенковска: Судиите во мене имаат сојузник во одбрана на нивниот професионален интегритет
Скопје, 28 април 2021 (МИА) - Новата претседателка на Судскиот совет на Северна Македонија, Павлина Црвенковска, во првата изјава пред јавноста им порача на судиите во државата да продолжат да работат одговорно, професионално и чесно, притоа да бидат ослободени од секакви притисоци, од секакви надворешни влијанија и без страв да судат согласно законските прописи. - Ги охрабрувам судиите кој што и досега си ја вршеа својата работа совесно и чесно, и да знаат дека секогаш во мене имаат сојузник во одбрана на нивниот професионален интегритет. Судскиот совет е тука и јас лично да ги унапредуваме, наградуваме и заштитуваме судиите кој што се професионални и одговорни. Исто така Судскиот совет е тука да ги разрешува сите судии кој што во својата работа ќе покажат дека непрофесионално, нестручно си ја извршувале својата работа, изјави Црвенковска. Што се однесува до граѓаните на РСМ, таа им вети дека составот на овој Судски совет, ќе стори се, ќе направи максимални напори да го подигне интегритетот на правосудниот систем и за еден степен барем да ја подигне довербата на граѓаните во правосудството. - Време е да покажеме дека овој правосуден систем и со овој Судски совет можат да направат многу, и дека има знаење и капацитет во правосудството, рече Црвенковска. Одговарајќи на новинарско прашање за можните политички влијанија таа истакна дека како претседател на Судскиот совет ќе направи се да се исклучи какво било политичко влијание и бизнис влијание, врз кој било член на Судскиот совет и да се заштити интегритетот на било кој член на Судскиот совет од какви било влијанија. Транспарентноста на Судскиот совет, како што најави Црвенковска е прво и основно што ќе го промени и исто така најави редовни брифинзи со новинарите и комплетна отвореност со медиумите. оџ/ац/  

Остани поврзан