• петок, 20 декември 2024

ЦИВИЛ: „СТОП“ за политичката злоупотреба на децата за политички цели

ЦИВИЛ: „СТОП“ за политичката злоупотреба на децата за политички цели
Скопје, 21 јули 2021 (МИА) - Децата никако не смеат да бидат предмет на политичка инструментализација, за преку нив да се упатуваат политички пораки, затскривајќи се зад превезот на „патриотизмот“. Злоупотребата на сопствените деца и на сите деца воопшто за упатување политички пораки е законски забрането и не е патриотизам, посочуваат од ЦИВИЛ, најостро осудувајќи ја злоупотребата на децата и малолетниците во политички цели. Оттаму велат дека, долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ постојано констатира случаи на злоупотреба на деца и малолетници, особено пред и за време на кампањите за изборните процеси во Република Северна Македонија. Затоа, во пресрет на локалните избори, или други јавни настани, повикуваат СТОП за политичката злоупотреба, инструментализација и индоктринација на децата. - Не смееме да дозволиме развојот на децата да биде контаминиран со идеолошки, политички, етнички, верски, родов или социјален антагонизам и мобилизација, велат од ЦИВИЛ. Потсетувајќи на член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, со кој се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување, од ЦИВИЛ ги потсетуваат политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. - Местото на децата е надвор од политиката! Политичките партии и нивните поддржувачи мораат да дадат придонес за заштитата на децата, а не за нивна политичка злоупотреба. Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство, стои во соопшението од ЦИВИЛ. Дополнуваат дека во континуитет ги алармираат јавноста, институциите, политичките партии и медиумите за злоупотреба на децата за политички цели и бараат од институциите да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата во политиката на било кој начин. ар/дма/

Остани поврзан