• петок, 21 февруари 2025

ЦИА ја интензивира борбата против фентанилот со беспилотни летала во Мексико

ЦИА ја интензивира борбата против фентанилот со беспилотни летала во Мексико

Вашингтон, 19 февруари 2025 (МИА) - САД го зголемија бројот на тајните летови со дронови над Мексико со цел идентификување лаборатории за производство на фентанил, што е дел од поагресивната кампања на администрацијата на Доналд Трамп против наркокартелите, објави Њујорк тајмс.

Таа тајна програма со беспилотни летала, која досега не била откриена, започнала за време на администрацијата на Џо Бајден, според американски функционери и други лица запознаени со програмата.

Сепак, претседателот Трамп и директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, повеќепати ветуваа поинтензивни акции против мексиканските наркокартели. Зголемувањето на летовите со дронови е првичен чекор во таа насока.

ЦИА нема овластување да користи дронови за смртоносни акции, изјавија функционерите, нагласувајќи дека не се предвидува употреба на беспилотните летала за воздушни напади. Во моментов, агентите на ЦИА во Мексико ја споделуваат собраната разузнавачка информација со мексиканските власти.

- Летовите се спроведуваат прилично длабоко во суверената територија на Мексико, изјави еден од американските функционери.

Мексиканската влада презеде чекори за да одговори на загриженоста на администрацијата на Трамп во врска со фентанилот, испраќајќи 10.000 војници на границата со САД за да спречат шверц. Сепак, Вашингтон бара од Мексико да стори повеќе за уништување или запленување на лабораториите за фентанил.

Според лица запознаени со програмата, дроновите се покажале како корисни во идентификацијата на лабораториите, бидејќи тие испуштаат хемиски материи што можат лесно да се детектираат од воздух.

Покрај активностите на ЦИА, Северната команда на американската армија исто така го зголемува надзорот на границата. Но, за разлика од ЦИА, американската војска не влегува во мексиканскиот воздушен простор.

Досега, Северната команда извршила повеќе од дваесет набљудувачки летови над јужната граница, користејќи различни видови извидувачки летала, меѓу кои и U-2, RC-135 Rivet Joint, P-8 и беспилотни летала, изјави висок претставник на американската армија.ссм/

фото: архива

Остани поврзан