• понеделник, 23 декември 2024

Централно чествување за Конески во Небрегово

Централно чествување за Конески во Небрегово

Прилеп, 24 септември 2021 (МИА) - Во Небрегово, родното место на Блаже Конески, се одржа централното чествување по повод 100-годишнината од неговото раѓање и 20-годишнината од фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.

Според Атанас Конески, секретар на фондацијата, посебна е честа што во годината на големиот јубилеј - 100 години од раѓањето на Конески, е и јубилејот - 20 години од Фондацијата.

- Досега направивме бројни манифестации во повеќе градови и населени места во државава. Фондацијата ги продолжува активностите во текот на целата година. Блаже Конески е столбот во македонската култура, литература и поезија. Блаже Конески е визионерот на сѐ што се случува во културното и во општественото живеење, што се потпира на трајни и темелни вредности, почнувајќи од Кирил и Методиј, Климент и Наум, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин и другите дејци. Блаже Конески е светилник во нашата држава, човекот кој во сите моменти кога имаме разни премрежја и бури, го осветлува патот кон трајните вредности на нашиот живот, на нашиот културен идентитет, рече Конески.

Националниот координатор во Министерството за култура Робет Алаѓозоски рече дека Конески го обезбеди мирот преку основното прашање, јазикот на еден народ.

-Чест е да се биде тука, во родната куќа на великанот Конески во Небрегово и да се чествува неговото големо дело во годината која УНЕСКО и нашата Влада ја прогласија за Година на Блаже Конески. Неговиот роденден ќе се чествува и од УНЕСКО. Во оваа година на мирот и добрососедството, како што и Обединетите нации ја прогласија, делото на Блаже Конески донесе мир на овие простори, зашто тој го одреди клучниот идентитетски знак на еден народ, а тоа е јазикот. Македонскиот јазик останува нашата трајна вредност, придобивка и секако е должност на оваа Влада и на сите генерации тоа дело и понатаму го развиваме и го чуваме, рече Алаѓозоски.

Академик Катица Ќулавкова истакна дека МАНУ за 19 декември, роденденот на Конески, ќе ја заврши повеќегодишната работа на многутоното издание на неговите дела.

- Мислам дека програмата за одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Конески е сеопфатна и трае во текот на целата година. Посебно во последниот месец од годинава, околу 19 декември, кога е роденденот на Конески, планираме во МАНУ да се одржи промоција на целокупните дела на Блаже Конески во форма на критичко издание на МАНУ. Еден проект кој се остварува 7-8 години, во почетокот под раководство на академик Милан Ѓурчинов, а по неговата смрт, го водам проектот. Последниве две години интензивно работиме на седум тома што годинава треба да бидат објавени. Веќе се завршени 10 тома, остануваат уште малку и ќе го претставиме пред јавноста како критичко издание на Блаже Конески. Меѓудругото, во овие дела ќе се види улогата на Блаже Конески во продолжување и воспоставување континуитет помеѓу старословенската книжевност и јазик кои ги проучуваше, средновековието и особено 19-тиот век на преродбата, на кои Конески, со своето дело, особено лингвистичкото, филолошкото, граматичарското, се надоврзува, рече Ќулавкова.

На денешното чествување, од Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ нагласија дека во 20 години од едицијата „Македонски збор“ се објавени пет книги за Конески во кои 150 автори ги изнесле своите ставови за него. Од едицијата  „Поттикот Конески“ се објавени 9 од 15-те планирани книги.

Во Небрегово денеска беше промовирана и монографијата на Фондацијата „Конески инспирира и мотивира“, како и три реиздадени книги: „Граматичарот Конески“, „Македонската литератур аи македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески и неговата книга од 1948 година „Најновиот напад на македонскиот јазик.

Во книгата на впечатоци во спомен куќата во Небрегово, досега своите размисли ги запишале околу 720 посетители.

На чествувањето, меѓу другите присуствуваа и архиепископот, г.г. Стефан и владиците Петар и Климент. ем/бак/

Остани поврзан