• недела, 29 декември 2024

Централната банка на Русија се обидува да го запре падот на вредноста на рубљата

Централната банка на Русија се обидува да го запре падот на вредноста на рубљата

Москва, 27 ноември 2024 (МИА) – Централната банка на Русија (БЦР) соопшти дека од денеска до крајот на годинава нема да купува девизи на девизниот пазар со цел да го запре падот на вредноста на рубљата, која е на најниско ниво во однос на доларот и еврото од средината на март 2022 година.

Пред почетокот на руската војна против Украина во 2022 година, доларот во просек се продаваше за 75 до 80 рубљи.

Во првиот квартал од 2022 година, во првите недели од руската офанзива во Украина, рубљата ослабе и веќе на 11 март 2022 година, курсот беше 120 рубљи за еден долар или едно евро.

Потоа Западот воведе низа санкции во обид да ја разниша руската економија, но рубљата се задржа, иако нестабилна, три години.

Денеска околу пладне е надминат симболичниот праг од 110 рубљи за еден долар, пренесува Риа Новости, повикувајќи се на податоците на пазарот.

На крајот на денешниот работен ден, БЦР преку соопштение објави дека „одлучила да не купува валути на домашниот девизен пазар до крајот на 2024 година“.

- Одлуката е донесена со цел да се намали нестабилноста на финансискиот пазар, соопшти Банката образложувајќи ја својата одлука, додека слабеењето на рубљата кое трае со денови ги загрижува властите, инфлацијата е висока, на 8,5 отсто, а Москва очекува забавување на економијата во 2025 година.

БЦР прецизираше дека евентуалното „обновување на работата на домашниот девизен пазар“ ќе зависи од реакцијата на другите финансиски пазари и веднаш најави дека курсот за четврток ќе го постави на 108,01 рубља за еден долар и 113,09 за евро. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан