• петок, 05 декември 2025

Центар го поедностави уписот за првачиња, постапката по електронски пат

Центар го поедностави уписот за првачиња, постапката по електронски пат

Скопје, 2 мај 2025 (МИА) - Општина Центар соопшти дека  е поедноставена и целосно дигитализирана постапката за упис во прво одделение. Преку веб-страницата на општината (www.centar.gov.mk), секој родител може брзо и лесно да провери во кое основно училиште припаѓа неговото дете и веднаш да поднесе апликација за запишување.

Со пристап до делот „Урбанизам“ и избор на ГИС порталот, потребно е корисникот да се регистрира, а потоа преку категоријата „Реонизација на училишта“ да ја внесе својата точна адреса. Системот автоматски ја прикажува информацијата за надлежното училиште и нуди линк до електронската пријава за упис. Во случај адресата да не биде автоматски пронајдена, постои можност да се постави точка на мапата и со клик на опцијата „Побарај по локација“ да се добијат истите информации.

- Запишувањето во прво одделение никогаш не било полесно. За само неколку минути, родителите можат да проверат кое е нивното училиште и да ја поднесат електронската апликација. Нашата цел е родителите да се чувствуваат сигурно и поддржано, а децата да го започнат своето образование со позитивно искуство уште од првиот чекор. Продолжуваме да инвестираме во дигитализација, транспарентност и модерни услуги кои навистина го олеснуваат животот, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Од Општина Центар истакнуваат дека со оваа дигитална алатка, се олеснува процесот на запишување во прво одделение, овозможувајќи родителите со неколку клика да го започнат еден од најважните чекори во образованието на нивните деца.са/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан