• четврток, 19 март 2026

Центарот за култура Крива Паланка ќе формира градски хор, во тек е пријавувањето за аудиција

Центарот за култура Крива Паланка ќе формира градски хор, во тек е пријавувањето за аудиција

Крива Паланка, 18 март 2026 (МИА) - Националната установа Центарот за култура Крива Паланка започна проект за формирање градски хор што ќе работи во рамки на оваа институција, за што во тек со оглас за пријавување што трае заклучно со 21 март 2026, кога ќе се одржи и аудицијата.

- На аудицијата можат да се пријават сите заинтересирани лица од обата пола, машки и женски, на возраст над 16 години, кои имаат музички афинитети, имаат желба за хорско пеење и за учество во музички активности, со или без претходно музичко или хорско искуство. Целта на формирањето градски хор е да се создаде простор за музичко изразување, креативна соработка, дружење и активно учество во културниот живот на градот, преку концерти, настапи и различни музички проекти, информираат од НУ Центар за култура Крива Паланка.

Оттаму ги повикаа сите љубители на музиката и пеењето да се пријават на аудицијата и да придонесат за збогатување на културниот живот на градот.

Во рамки на НУЦК Крива Паланка активно работат и функционираат фолклорната дејност со културно уметничкото друштво "8 Октомври", оркестарот на традиционални народни музички инструменти, ликовна дејност со ликовно студио под менторство на академскиот сликар Роберт Цветковски, литературна дејност во библиотеката "Кочо Рацин" со литературниот клуб "Калин" и сценско-уметничката дејност, што и годинава согласно програмските активности ќе понудат широк дијапазон настани за јавноста,за граѓаните на Крива Паланка и сите посетители.

Инаку,од неодамна повторно е активен и редовниот филмски репертоар во установата, а на програмата на филмска среда вечерва во 19 часот и 30 минути е филмот „Уште една игра".ид/са/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан