• петок, 22 ноември 2024

Цените на нафтата ги достигнаа највисоките нивоа од јануари минатата година

Цените на нафтата ги достигнаа највисоките нивоа од јануари минатата година
Њујорк, 8 март 2021 (МИА) - На светските пазари, цените на нафтата достигнаа највисоки нивоа од јануари минатата година, благодарение на одлуката на ОПЕК да не го зголеми значително производството на нафта во април, како и на добрите показатели од американската економија.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 5,2 отсто на 69,36 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе 7,4 отсто на 66,09 долари.
На лондонскиот пазар цената на барелот порасна седма недела по ред, најмногу благодарение на одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници да не го зголемуваат производството во април, со мали исклучоци за Русија и Казахстан.
ОПЕК и неговите сојузници веќе долго време координираат да го намалат производството за 7,2 милиони барели на ден за да одат во чекор со намалената побарувачка за време на пандемијата на коронавирусот. Минатата недела, таа група на производители одлучи да ги задржи овие нивоа на производство.
- ОПЕК + се одлучи за претпазливост, тие одлучија да го зголемат производството во април за само 150.000 барели на ден, додека на пазарот се очекуваше зголемување за 1,5 милиони барели“, вели аналитичарот на УБС, Џовани Стауново.
Поддршка на цените беше обезбедена и во петокот од добри показатели од пазарот на трудот во САД. Во февруари, бројот на вработени во САД се зголеми за 379,000, значително повеќе отколку во јануари и многу повеќе отколку што очекуваа аналитичарите. паг/
 

Тагови

Остани поврзан