• среда, 21 јануари 2026

Целосно ќе се реконструира улицата „Славка Динкова“ во Драчево

Целосно ќе се реконструира улицата „Славка Динкова“ во Драчево

Скопје, 11 март 2022 (МИА) - Целосно ќе се реконструира улицата „Славка Динкова“, една од главните артерии во населбата која ги поврзува помалите собирни улици во Драчево со магистралната улица „Јустинијан Први“.

Како што информира Општина Кисела Вода, комплетно ќе се реконструира коловозот во должина од речиси еден километар, кој е во крајно лоша состојба, со видливи оштетувања, нерамнини и огромни дупки. Со изградбата на атмосферска канализација ќе се надмине и долгогодишниот проблемот со поплавување, кој редовно настанува при пообилни врнежи. Дополнително, проектот опфаќа и поставување ново улично осветлување.

Проектот ќе се реализира како меѓуопштинска соработка во која Градот Скопје целосно ќе ја финансира реконструкцијата, додека Општина Кисела Вода учествува во проектот со изработка на техничка документација. Се работи за градежен зафат вреден околу 50.500.000 денари и во текот на вчерашниот ден беше поддржан од Советот на Град Скопје.

Град Скопје, како што се наведува, продолжува со големите инфраструктурни зафати на територија на општина Кисела Вода, пред се доизградбата на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево, како главна артерија која  ќе го намали метежот, ќе ја зголеми безбедноста и ќе го олесни сообраќајот за преку 70.000 лица од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и околните населени места кои секојдневно ја користат оваа делница. мд/са/

Остани поврзан