• недела, 22 декември 2024

ЦГК: Тендерите за зимско одржување на патиштата за оваа сезона изнесуваат 8,7 милиони евра

ЦГК: Тендерите за зимско одржување на патиштата за оваа сезона изнесуваат 8,7 милиони евра
Скопје, 18 февруари 2021 (МИА) - За ангажирање на механизација, работници, сол и чакал за чистење и за прскање на улиците во зимски услови, оваа сезона ќе се потрошат 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра, стои во анализата со база на податоци што ја подготви Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на  Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Од ЦГК соопштија дека тендери за оваа намена имале 41 општина и Градот Скопје, шест локални јавни претпријатија и државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонијапат. Ова претпријатие има склучено договори за јавни набавки за зимско одржување за сезонава во вредност од 5,7 милиони евра што е две третини од сите пари што ќе се потрошат за оваа намена. -  Градот Скопје сам зимскава сезона планира да потроши 700 илјади евра за чистење на снегот и прскање на улиците, додека заедно со уште осум други скопски градски општини ќе бидат потрошени околу 1,4 милиони евра за зимско одржување на улиците. Од другите општини од земјава, најголема вредност за ова ќе потрошат Битола, Прилеп и Куманово, се наведува во соопштението. Како што соопштуваат од ЦГК, најголем поединечен тендер има склучено Македонијапат со Димакс рудници Сопотница, од речиси седум милиони евра за двогодишно снабдување со сол за патиштата. Набавени се 59.555 тони индустриска сол, по цена од 116 евра по тон, за двегодишно прскање на патиштата. Покрај оваа фирма, која вкупно има 4 тендери во вредност од 7,5 милиони евра, меѓу фирмите со највредни договори се и Ган-Логистик од Тетово со 1,2 милиони евра и скопски Аполо Инженеринг со 1 милион евра. Повеќе информации има во анализата од истражувањето  на линкот: https://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/108?Category=2 лв/дма/

Остани поврзан