• недела, 22 декември 2024

Царовска и Гошаревски го отворија „Преспа форум дијалог” во Отешево

Царовска и Гошаревски го отворија „Преспа форум дијалог” во Отешево
Скопје, 30 јуни 2021 (МИА) - Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вечерва им посакаа добредојде на панелистите и другите учесници на „Преспа форум дијалог“, што се одржува утре и задутре во Отешево и Охрид. -Преспа прерасна во симбол на партнерство, заедништво и иднина за целиот регион. Токму затоа утрешниот ден го посветуваме на младите и современите вредности како што се соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста, демократијата овде на Балканот, рече министерката Царовска. Официјално отворање на младинскиот форум „Гласот на младите дома го обединува регионот” во организација на МНР е утре, а воведно обраќање ќе има министерката Царовска. Во оваа дискусија учествуваат и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, министерката за образование на Албанија Евис Куши, поранешниот министер за образование и пратеник Арбер Адеми и други претставници. Дополнително во текот на утрешниот ден во Отешево ќе се одржат уште три панел дискусии „Визија на младите за иднината на регионот на Југоисточна Европа“ , Младински панел „Мојот регион – мојот дом“ и „Меѓу-генерациски дијалог – механизми за градење култура на младинска соработка за демократски и економски просперитетни и отпорни општества во пост-Ковид ерата“. На овие панели ќе се обратат директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, пратениците Дарко Каевски и Моника Зајкова, поранешната европратеничка Дорис Пак и поранешниот координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа Ерхард Бусек. Учество ќе земат и други владини претставници од Албанија, Грција и Косово. Идејата на Преспа фoрум дијалог е продлабочување на соработката и размена на позитивни практики и искуства помеѓу земјите од Западен Балкан во повеќе области, вклучително и преку младинскиот активизам, а со цел јакнење на регионот и негова целосна интеграција во европското семејство.вј/ев/

Остани поврзан