• понеделник, 23 декември 2024

Царинска управа: Запленети 4,8 килограми злато при влез на ГП Богородица

Царинска управа: Запленети 4,8 килограми злато при влез на ГП Богородица

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Царински службеници запленија 4,8 килограми златен накит со проценета вредност од 20,4 милиони денари, по контрола на автобус на граничниот премин Богородица при влез во државата.

Како што соопшти денеска Царинска управа, царинските службеници на граничниот премин Богородица селектирале автобус кој сообраќал на линија Истанбул - Гостивар, при што бил извршен детален претрес.

Во пределот за багаж била пронајдена црна торба, во која во девет пакетчиња обвиткани со најлон е откриено злато со тежина од 4,8 килограми. Возачот кој првично изјавил дека нема ништо за пријавување по откривање на златото потврдил дека торбата е негова.

-Нашите царински службеници се грижат за забрзан транспорт на легална трговија, но истовремено ги штитат приходите на државата спречувајќи шверц и криминал. Во случајот е спречено избегнување плаќање увозни давачки во износ од 5 милиони денари, се наведува во соопштението од Царинска управа.

Случајот, како што велат од Царинска управа, е преземен од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при што против возачот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија. Златото согласно закон ќе биде предадено во Народна банка. дма/са/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан