• четврток, 26 март 2026

Царинската управа потпишана декларација за царинска соработка со Министерството за трговија на Турција

Царинската управа потпишана декларација за царинска соработка со Министерството за трговија на Турција

Скопје, 17 јули 2025 (МИА) - Царинската управа на Македонија и Министерството за трговија на Република Турција потпишаа Декларација за царинска соработка со што двете страни се обврзуваат заеднички да делуваат во борбата против организираниот криминал и забрзување на протокот на легална трговија.

Заедничката декларација денеска во Анкара ја потпишаа директорот на Царинската управа на Македонија Бобан Николовски и заменик-министерот за трговија на Република Турција и надлежен за царински политики, Сезаи Учармак.

- Заедничката декларација е потврда за нашата посветеност на блиска соработка и взаемна поддршка во остварување на заедничките цели – жестока борба против организираниот криминал и унапредување на легалната трговија. Со декларацијата се обврзуваме на креирање заеднички профили на ризик, директна комуникација во реално време, размена на разузнавачки информации и учество во заеднички операции со цел спречување и разобличување на криминални структури. Паралелно, се заложуваме за поедноставување на царинските постапки, размена на експертиза и взаемна поддршка во спроведувањето на меѓународни царински конвенции и стандарди. Дополнително, со цел зголемување на транспарентноста, ќе работиме на промоција на програмите за доверливи економски оператори и унапредување на соработката во сите царински области, изјави директорот Николовски.

Заменик министерот за трговија на Република Турција, Учармак, изјави дека двете служби имаат многу области и теми за соработка, и оти денешниот договор е потврда за нивната посветеност на заедничко делување во тие области. 

- Двете држави се наоѓаат на важен транспортен коридор и делат заеднички цели како земји кандидати за членство во Европската унија. Двете страни ги применуваат истите меѓународни правила и стандарди, со цел да се олесни и забрза меѓународната соработка, истакна заменик министерот Учармак.

Царинската управа соопшти дека директорот Николовски, заедно со помошниците директори, за контрола и истраги, царински систем, ИКТ и меѓународна соработка, во Анкара имаше средба со Сезаи Учармак, заменик министер за трговија на Република Турција, Мустафа Ѓумуш – генерален директор на Генералниот директорат за царини, Раиф Џан – генерален директор за анализа на трговијата и анализа на ризик, како и други високи претставници на Генералниот директорат за царини на Република Турција.

Во рамки на средбите во Анкара ќе биде одржан и технички состанок на експертско ниво на којшто двете страни ќе ги разгледаат конкретните чекори за справување со идните предизвици и интензивирање на соработката.са/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан