Царинската управа за пет месеци годинава остварила 847,6 милиони евра приходи, најголем раст кај приходите од увоз на тутунски производи и возила
- Во првите пет месеци од оваа година Царинската управа остварила вкупни приходи од 847,6 милиони евра, при што најголем раст на приходите има од зголемен пријавен увоз на тутунски производи и на возила, истакна директорот Бобан Николовски на денешната прес-конференција на која направи пресек за работењето на Управата.

Скопје, 10 јуни 2025 (МИА) – Во првите пет месеци од оваа година Царинската управа остварила вкупни приходи од 847,6 милиони евра, при што најголем раст на приходите има од зголемен пријавен увоз на тутунски производи и на возила, истакна директорот Бобан Николовски на денешната прес-конференција на која направи пресек за работењето на Управата.
- Царинската управа во мај наплати приходи во износ од 177,3 милиони евра, што е за 7,3 проценти или 12,1 милиони евра повеќе од лани истиот период. Притоа раст на приходите има по сите основи. Приходите од данок на моторни возила бележат раст од 16,7 проценти, од царината за 22,7 проценти и од акциза за 5,2 проценти. Растот на приходите се должи на зголемен пријавен увоз на тутунски производи, односно за 31 процент повисоки приходи од лани и на зголемен пријавен увоз на автомобили – или за 20 проценти повисоки приходи од лани, истакна Николовски.
Зголемените контроли на увозите на автомобили, и предкривичните истраги за сторени кривични дела со употребувани возила што резултираше со 41 кривична пријава поднесена од страна на Секторот за контрола и истраги, и тоа само годинава, вели директорот Николовски, го дадоа својот ефект преку зголемен пријавен увоз на возила и зголемена наплата на приходи по овој основ.
На прес-конфренцијата беше потенцирано дека исти се и причините за раст на приходите и на кумулативно ниво.
- Од почетокот на годинава, заклучно со мај, наплатени се приходи од 847,6 милиони евра или 38,6 милиони евра повеќе од истиот период минатата година. Најголем раст на приходите има од зголемен пријавен увоз на тутунски производи при што наплатени се вкупно 70 милиони евра само по овој основ, или 11 милиони евра повеќе од лани, како и од зголемен пријавен увоз на возила при што наплатени се приходи од 82 милиони евра што е за 8,5 милиони евра повеќе од лани, додаде Николовски.
Зголемената ефикасност и професионалноста во работењето на Царинската управа, според директорот Николовски, е повеќе од видлива и значат побезбедно општество и повеќе пари во Буџетот за нови училишта, нови градинки, нови болници, автопати, повисоки плати и пензии. та/цр/
фото: Царинска управа