• четврток, 26 март 2026

Хутите повторно го нападнаа аеродромот Бен Гурион

Хутите повторно го нападнаа аеродромот Бен Гурион

Тел Авив, 23 мај 2025 (МИА) – Израелската армија денеска соопшти дека пресретнала ракета истрелана од Јемен. Се уште нема информации за евентуални жртви.

Во меѓувреме, портпаролот на Хутите, Јахја Сари изјави дека милицијата лансирала хиперсонична ракета кон аеродромот Бен Гурион.

- Нападот ја постигна својата цел, поттикнувајќи голем број цивили да побараат засолниште и предизвикувајќи привремен прекин на работата на аеродромот. Нашите операции се во тек и ќе ескалираат, ако даде Бог, сè додека не престане агресијата врз Газа и не се отстрани опсадата, истакна Сари.

Хутите, кои имаат поддршка од Иран, и минатата недела истрелаа ракета кон аеродромот Бен Гурион во Тел Авив.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, Хутите лансираат ракети и дронови кон цели во Израел и нападнаа повеќе од 100 бродови во Црвено и Арапско Море, теснецот Баб-ел-Мандеб и Аденски Залив, во знак на поддршка со Палестинците. Поради нападите на Хутите нарушен е глобалниот транспорт, а компаниите се принудени да бараат подолги и поскапи рути околу јужна Африка. Јеменските бунтовници на почетокот од месецот соопштија дека ќе продолжат да ги напаѓаат само израелските бродови во Црвено Море. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан