Хуманитарно-инклузивна трка „Run Together“: Надеж за подобро утре за секој од нас
- Целта на организаторите е подигање на свеста за лицата со попреченост, за нивните права, и за нивна целосна вклученост во општеството и секојдневниот живот.
Гевгелија, 18 ноември 2025 (МИА)
Слободан ИВАНОВ
Фондацијата „Ице Бегов“, во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“, викендов, трета година по ред ја реализираше традиционалната инклузивна, ненатпреварувачка, хуманитарна трка „Run Together“ (’Трчаме заедно‘), со рута долга еден километар.
Целта на организаторите е подигање на свеста за лицата со попреченост, за нивните права, и за нивна целосна вклученост во општеството и секојдневниот живот. Според Фондацијата „Ице Бегов“, којашто ја организира оваа ревијална трка или парада, ова е „трка на солидарноста, пријателството и инклузијата“.
Настанот, со музички настап, го отворија локалниот „Риплеј бенд“ и Слободанка Арнаудова. Трката околу центарот на убавата и прилично чиста Гевгелија, почна во 12:30 часот. Подоцна имаше и четири детски трки, а во неделата се одржаа уште две трки - на пет и 10 километри.
Фондацијата го носи името на младо момче со попреченост од Гевгелија, кое почина пред неколку години, за време на корона-пандемијата. Ице Бегов, со својата посебна енергија, велат, сакал да придонесе секој во неговото опкружување да се почувствува еднаков, вклучен, почитуван... Со еден збор - среќен. Следејќи ја неговата хуманост, ведрина и добрина, Фондацијата и сите нејзини пријатели ја продолжуваат неговата мисија. За нив, ова е празник на хуманоста, емпатијата и заедништвото.
Настанот е организиран со поддршка на Општина Гевгелија и спонзорите. Според организаторите, во трката имаше над 850 учесници со и без попреченост.

Претседателката на здружението „Мобилност Гевгелија“, Даниела Гошева Кангов вели дека Ице Бегов живее во секој од нас, благодарение на неговите родители и Фондацијата којашто го носи неговото име.
- Јас лично немав можност и чест да го запознаам Ице, неговото прерано заминување од овој свет, ми го ускрати тоа задоволство. Неговото прекрасно семејство, водејќи се од неговиот дух, ни го доближија и на сите нас - кои не го познававме лично. Ведрината негова се чувствува на секој настан којшто го организираат. Тоа е таа позитивна енергија што овозможи за овој период од некои три - четири години да се направи толку многу за лицата со некој вид попреченост, барем овде во гевгелискиот регион. Да се слушнат и разберат различностите и да се премостат некои препреки. Знам и верувам дека тоа го чувствуваше секој учесник на Инклузивниот маратон. Неговото име и дух предизвикува насмевка со солза во очите и надеж за подобро утре во секого од нас, изјави Гошева Кангов за МИА.

Елена Бегова, основачка и директорка на Фондацијата што постои повеќе од три години, истакнува дека различностите се мост на поврзување, а не пречки.
-Во оваа трка сите сме победници!, изјави Бегова.

Во близина на парадата, Градот Гевгелија ги отвори вратите на Уметничката галерија „Амам“ за ликовата изложба „Цветна градина“ на уметницата Роза Мојсовска, која е лице со телесна попреченост. Овој настан е организиран од „Абилитис“ и „Зета“, со поддршка од Општина Гевгелија. Елена Кочоска од здружението „Зета“ истакна дека попреченоста не треба да биде пречка, туку поттик за создавање нови перспективи и вредности во уметноста и општеството.

Инклузивната трка уште еднаш потврди дека секој чекор е важен, сметаат во организацијата, независно од способноста, и велат дека „ниту една бариера не е доволно силна за да го спречи учеството, радоста и заедништвото“ на ваков значаен спортски хуманитарен настан.
Фото: МИА, Елена Бегова, Фејсбук