Хуманитарните организации во Газа се соочуваат со повлекување на дозволите од страна на Израел
- Неколку меѓународни хуманитарни организации кои работат на палестинските територии, вклучително и Лекари без граници (МСФ), се соочуваат со затворање на нивните операции на почетокот на следната година, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Тел Авив, 30 декември 2025 (МИА) – Неколку меѓународни хуманитарни организации кои работат на палестинските територии, вклучително и Лекари без граници (МСФ), се соочуваат со затворање на нивните операции на почетокот на следната година, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Израелската влада презеде правни чекори за отповикување на нивните дозволи за работа кои стапуваат во сила на 1 јануари, наведувајќи дека не се регистрирани и наводната вклученост на некои вработени во терористички активности.
Министерството за дијаспора соопшти дека 37 организации досега се погодени од суспензијата.
Тие се информирани дека нивните лиценци ќе бидат повлечени на 1 јануари и оти ќе мора да ги прекинат и завршат своите активности најдоцна до 1 март.
Лекари без граници во соопштение минатата недела предупредија дека новите барања за регистрација наметнати од Израел би можеле да остават стотици илјади луѓе во Појасот Газа без медицинска помош што спасува животи.
МСФ го повика Израел да „осигура меѓународните невладини организации да можат да го одржат и продолжат својот непристрасен и независен одговор во Газа“.
Веќе ограничената хуманитарна помош не треба дополнително да се ограничува, се вели во соопштението.
Според весникот Yedioth Ahronoth, организациите одбиле барање да поднесат комплетни списоци на нивните палестински вработени за безбедносни проверки. Израел ги обвини МСФ за вклученост на некои од нивните вработени во терористички активности.
Во јуни 2024 година, на пример, беше убиен борец на терористичката група Исламски џихад кој бил вработен во организацијата.
Во септември стана познато дека друг вработен служел како снајперист за Хамас. јт/
Фото: ЕПА